Американското Министерство за финансии воведе нов пакет санкции против две најголеми руски нафтени компании – „Роснефт“ и „Лукоил“, со цел да изврши притисок врз Москва да прифати мировни преговори за Украина.
Министерот за финансии Скот Бесент изјави дека санкциите се наметнати бидејќи Путин одбива да ја прекине бесмислената војна, додека претседателот Доналд Трамп ги нарече мерките огромни и порача дека се надева оти нема долго да бидат потребни.
Санкциите следат по најжестоките руски напади врз украински градови во последниот месец, во кои загинаа најмалку седум лица. Трамп претходно потврди дека планираниот состанок со Путин во Будимпешта е откажан.
Вашингтон со ова се приклучи на Обединетото Кралство, кое минатата недела воведе слични мерки. Според британската влада, „Росњефт“ и „Лукоил“ извезуваат над 3 милиони барели дневно, што претставува околу 6 отсто од светското производство на нафта.
Бесент нагласи дека Путин не преговара искрено и отворено и најави можни нови казнени мерки ако Москва не прифати прекин на огнот.
Во Белата куќа, Трамп и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, разговараа за мировниот план што предвидува замрзнување на фронтот, размена на заробеници, враќање на депортираните деца и економски притисок врз Русија.
Москва, пак, го одби предлогот и повтори дека Украина мора да се повлече од Донбас.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од САД да дозволат испорака на крстосувачки ракети „Томахавк“, сметајќи дека нивната закана би можела да ја натера Русија на сериозни преговори./Извор:Makfax