17. октомври 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Шукова: Отпадот е ресурс, време е Скопје да добие чист и одржлив систем за управување со отпад

Кандидатката за Градоначалниќка на Град Скопје, Каја Шукова, во гостување на телевизијата Алсат М, зборуваше за проблемите со отпадот, нечистотијата и дивите депонии во градот, нагласувајќи дека потребни се два паралелни процеси итно чистење на градот и долгорочна поставеност на систем по европски стандарди.

„Мора веднаш да се почне со расчистување на отпадот пред секоја куќа, пред секоја зграда, по целиот град, како и со дивите депонии, каде што ќе воспоставиме контрола за да не настануваат повторно”, истакна Шукова.

Според неа, проблемот со Вардариште е еден од најакутните во Скопје.

„Таму мора да имаме 24-часовна заштита, да го преземеме просторот и да започнеме со постепено расчистување. Вардариште, според сите стратешки документи, треба да биде претоварна станица – затоа што мора да имаме претовар на отпадот пред неговото носење во Дрисла“, објасни Шукова.

Таа подвлече дека градот мора итно да воспостави одржлив систем за управување со отпад, кој ќе ја намали количината што завршува на депонии и ќе ја зголеми повторната употреба и рециклирањето.

„Отпадот е ресурс. Мора така сите да почнеме да го гледаме, бидејќи најголемиот дел од отпадот може повторно да се преработи и да се врати во општеството. Пример, градежниот отпад може да се преработи со дробилка и да се искористи при изградба на улици и патишта”, рече Шукова.

Во Програмата има предвидено системско реорганизирање на јавните претпријатија и современи решенија по европски стандарди за управување со отпадот во Скопје.

„Овие два процеси мора да одат паралелно акутното чистење на градот и воспоставување нов, траен систем. Само така ќе имаме вистински чист и функционален главен град”, рече Шукова.

Можеби ќе ве интересира

Две женски лица нападнале 16 годишно девојче среде бел ден во Скопје

ДЕСК

Нова драма во Карпош: Две лица почнале да му се закануваат на младо момче и неговата девојка, а потоа му го оштетиле возилото

ДЕСК

Тепачка во Шуто Оризари

ДЕСК