9. октомври 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

Филипче до Мицкоски: Никој не се плаши од тебе, твоите закани се израз на страв и слабост

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче на граѓанската трибина во Кавадарци рече дека во државата има најмногу недостиг на правда и се осврна на двојните стандарди во владеењето на премиерот Мицкоски.

„Ако има нешто што денес најмногу недостасува во оваа држава, тоа е правдата. Мицкоски ветуваше ‘нова ера на правда’. Ветуваше реформи, ветуваше непристрасно судство – и јас реков: добро. Да му помогнам на премиерот, ќе одам на лидерска средба за да се договориме да го реформираме судството. Па кој грешел – нека одговара. Тоа го бараат граѓаните”, истакна Филипче.

Тој потенцираше дека Мицкоски не сака независно судство, туку сопствено судство под партиска
контрола.

„Мицкоски не сака независно судство. Тој сака свое судство. Не сака обвинители по закон, туку обвинители по список од тефтерчињата во Белата палата. Затоа вечерва го прашувам јавно:
Зошто не направи ништо? Зошто не ги реформираше судството и обвинителството? Зошто се плашиш, Мицкоски? Дали затоа што знаеш дека, ако судството стане навистина независно, половина твоја влада ќе мора да одговара пред закон?“ – порача Филипче.

Мицкоски секој ден заканува: „ќе видите после изборите“, и секој ден мисли дека со закани може да владее, додаде Филипче и порача: „Мицкоски, време е да разбереш никој повеќе не се плаши. Стравот од вакви како тебе е победен многу одамна, уште кога го пензиониравме твојот ментор. Твоите закани не се израз на сила, туку на слабост и страв. Твојот глас трепери, не затоа што си моќен, туку затоа што си уплашен.“

Лидерот на СДСМ додаде дека наместо вистинска правда, денес гледаме партиска правда и партизација на институциите.

„Но тоа што го гледаме денес не е правда, туку партиска правда. Многу брзо Мицкоски, од голем реформатор, си го покажа вистинското лице – желба за партизација на судството. Сака да направи систем како оној на Груевски, каде што власта ќе одлучува кој ќе биде виновен, а кој ќе биде заштитен”, нагласи д-р Филипче.

Филипче пред присутните испрати јасна порака дека вистинската реформа мора да биде за сите еднаквост пред законот и за тоа ќе ја добие поддршката од СДСМ.

„Ако навистина сакаш правда, биди маж. Кажи дека секој ќе одговара – и од СДСМ, и од ВМРО-ДПМНЕ, и од сите партии. Направи реформи и ќе имаш наша поддршка. Но тоа не го правиш, затоа што не сакаш вистинска правда, туку сопствена контрола,“ порача д-р Филипче на граѓанската трибина на СДСМ и Коалицијата „Се бориме за нашиот дом”, која вечерва се одржа во Кавадарци.

Можеби ќе ве интересира

Почина Панчо Минов – поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

ДЕСК

Филипче од Гевгелија: Народот живее тешко, инфлацијата е до плафон, а власта не презема ништо

ДЕСК

Лишени од слобода двајца криминалци, се обиделе да избегаат од полициска патрола (ФОТО)

ДЕСК