Трагичен инцидент го потресе Хјустон, Тексас, каде што 11-годишно момче беше убиено во саботата откога тој и неговите пријатели учествуваа во навидум безопасна игра – заѕвони на ѕвонче и бегај, објавува „Гардијан“.
Според соопштението на локалните власти, момчето било застрелано повеќепати додека бегало од дворот на куќа во населбата Истсајд. Полициската управа во Хјустон сè уште не го објавила идентитетот на жртвата или на осомничениот станар, но потврдила дека е уапсен маж на средна возраст и дека при претресот на неговиот дом се пронајдени неколку огнени оружја.
Момчињата играле популарна игра позната како „динг-донг“, што вклучува ѕвонење на ѕвончето и брзо бегање. Еден сведок го видел момчето како ѕвони на ѕвончето и бега од имотот непосредно пред да се слушнат истрелите.
„Сведок пријавил дека момчето бегало од куќата откога ѕвонело на ѕвончето кратко пред да биде застрелано“, се вели во полициското соопштение.
Соседите им кажаа на локалните медиуми дека виделе полиција како го придружува мажот со лисици назад до домот во кој се случила пукотницата. Детективот за убиства Мајкл Кас потврди за соработникот на „Си-би-ес њуз“, KHOU, дека сведокот видел како некој излегува од куќата и пука во децата што трчале на улицата.
„За жал, едно од момчињата, кое имало 11 години, било застрелано во грбот“, додаде Кас.
Ова не е првпат шега да заврши со трагедија. Минатата година маж од Калифорнија беше осуден за убиство кога намерно со автомобилот удрил во шест тинејџери што му ѕвонеле на вратата убивајќи тројца од нив, пренесува медиумот.
Исто така, во мај оваа година маж од Вирџинија беше обвинет за убиство од втор степен затоа што пукал во тинејџер што снимал видео на „Tик-ток“ додека го изведувал истиот предизвик на неговиот праг во 3 часот наутро./Извор:Makfax
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...