19. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ПРОМОБИЗНИС

Потпишан Меморандум за соработка за побрза и поефикасна размена на податоци помеѓу УЈП и ФЗО

Управата за јавни приходи (УЈП) и Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), потпишаа Меморандум за соработка (анекс на Протоколот за електронска размена на податоци) со кој се уредува институционалната координација и размена на податоци, со цел за заедничко следење на состојбите и унапредување на наплатата на придонесите за здравствено осигурување. Меморандумот во име на двете институции го потпишаа директорите на УЈП, м-р Елена Петрова и на ФЗО, Сашо Клековски.

Со воведувањето на системот за интегрирана наплата на социјалните придонеси во 2009 година, УЈП ја презеде надлежноста за утврдување и наплата на придонесите што претставуваат приходи на институциите за задолжително социјално осигурување. Овој процес овозможи замена на досегашната пракса со т.н. „сини картони“ за здравствено осигурување, кои претходно се издаваа по доставување извод за платен придонес до ФЗО.

Денес, информациите за платениот придонес по осигуреник се разменуваат секојдневно преку безбедни информациско-комуникациски канали помеѓу двете институции. Покрај овие податоци, размената опфаќа и дополнителни информации со кои се овозможува полесно следење на статусот на осигурениците и поефикасно решавање на нивните права.

Меморандумот овозможува унапредување на меѓуинституционалната соработка и носи директни придобивки за граѓаните. Со потпишувањето на Меморандумот и анексот на Протоколот за електронска размена на податоци, Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) ќе добива месечни податоци за неплатени придонеси за здравствено осигурување, детално по обврзници за пресметка, уплата и плаќање. Досега, ФЗО располагаше само со информации за платени придонеси. Новиот анекс овозможува пристап до податоци од поднесени, но неплатени пресметки од:

правни лица
самостојни вршители на дејност
индивидуални земјоделци
верски службени лица

Ова значи навремено информирање и ажурирање на евиденцијата, со што се спречуваат ненајавени прекини во здравственото осигурување. Поради технички грешки или разлики во уплати, системот автоматски го исклучува осигурувањето, а осигурениците дознаваат за тоа дури кога ќе се обидат да користат здравствени услуги. Новата размена на податоци ќе овозможи превенција, сигурност и континуитет во здравственото осигурување за сите граѓани.

Во рамки на новиот анекс на Протоколот, предвидена е годишна достава на податоци за ненаплатени и застарени придонеси, со цел системско решавање на стари долгови. Овие податоци ќе се доставуваат најдоцна до 31 јануари за претходната календарска година, со што ќе се овозможи годишно отпишување на застарени побарувања постари од 10 години, решавање на статусот на осигуреници кои имаат застарени обврски, но денес се редовни плаќачи. Досега, овие лица не можеа да остварат право на здравствено осигурување поради барањето за континуитет во уплатите, иако тековно ги исполнуваат обврските. Со новиот механизам, ќе се отстранат административните пречки и ќе се овозможи пристап до здравствени услуги за сите кои редовно плаќаат.

Преку Протоколот, се овозможува и ФЗО да добива податоци во реално време за остварени приходи преку системот „е-даноци“, односно Уверенија за приходи за претходната година. Ова се однесува на лицата кои сакаат да се пријават како осигуреници со пониски приходи, за кои придонесот го покрива Министерството за здравство. На овој начин, се овозможува автоматска проверка на приходите, наместо самоизјава, превенција од злоупотреби на правото на здравствено осигурување, побрзи и потранспарентни услуги за граѓаните, намалување на бирократски бариери за граѓаните. ФЗО и УЈП продолжуваат со дигитализација за поефикасна администрација во корист на сите.

Можеби ќе ве интересира

Одбиени тужбените барања кон државата за Казандол – Државата нема да плати 115 милиони евра отштета

ДЕСК

НОВО ПОСКАПУВАЊЕ НА СТАНОВИТЕ ВО НАЈАВА – ДДВ за станбен квадрат за нови станови би можело да се подигне од 5 на 18%

ДЕСК

Работна посета на претставници од Министерството за финансии на САД во Стопанската комора на Северна Македонија

ДЕСК