Европските лидери ги поздравија разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп пред неговиот самит со рускиот претседател Владимир Путин, велејќи дека во голема мера ги делат целите на состанокот во петок – кој започнува со постигнување прекин на огнот во Украина.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон пренесоа заеднички европски став дека одлуките за Украина не можат да се донесат без Украина, нагласувајќи дека таа мора да биде вклучена во секоја конечна одлука. Тие, исто така, ја поддржаа идејата за можен иден трилатерален самит со Трамп и Путин.
Мерц рече дека има „надеж дека нешто се движи“ и изрази растечки оптимизам за можен мировен договор.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика партнерите да го зголемат притисокот врз Русија, велејќи дека Путин „блефира“ кога тврди дека санкциите не влијаат на руската економија.
Лидерите на ЕУ и НАТО го поддржаа заедничкиот пристап, велејќи дека „топката сега е во дворот на Путин“ и дека Украина излегува посилна од овие консултации со САД.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така, реагираше оптимистички, опишувајќи ги разговорите како „многу добри“.
„Денес, Европа, САД и НАТО ја зајакнаа заедничката платформа за Украина. Ќе останеме во тесна координација. Никој не сака мир повеќе од нас – праведен и траен мир“, рече фон дер Лајен./Извор:Makfax
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...