-За мене претставува навистина прво чест, а потоа и задоволство што еве на покана на директорот, заедно со колегите од Владата, со директорот на Фондот и останатите вработени во оваа клиника, можеме да ја посетиме, да направиме увид во уште едно навистина многу позитивно дело, овде во Клиничкиот центар, Клиниката за урологија, изјави премиерот Христијан Мицкоски за време на пуштањето во употреба на целосно реконструираното болничко одделение на ЈЗУ Универзитетската клиника за урологија при Клинички центар Мајка Тереза во Скопје.
– Она коешто успеавме да го видиме и тоа што го направиле тука директорот заедно со соработниците, е навистина нешто коешто нѐ доближува чекор поблиску до европското здравство, односно условите коишто ги видовме, сето она коешто претставува и апаратура и методологии навистина е нешто коешто е импресивно.
Ова се резултатите коишто ги очекуваме. Јас сум убеден дека со истата динамика ќе продолжиме и понатаму. Главен фокус ни е, се разбира, развојот на државата, а во тој фокус значајно место има и здравството, да речам едно од клучните. Огромни средства од Буџетот, рекордни би рекол средства од Буџетот се издвојуваат за здравството, соопшти претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски.
– И мене не ми преостанува ништо друго, освен да му честитам на директорот, на персоналот на Клиниката, да се заблагодарам на министерот, на заменикот, на директорот на Фондот, на сите оние коишто имаат свој дел во сето ова што се прави во здравството. Знам дека ова се можеби мали чекори, но големи во смисла дека години наназад ништо не е направено, но секако чекори коишто нѐ доближуваат да бидеме сѐ поблиску до квалитетот којшто треба да го почувствуваат граѓаните кога ја добиваат здравствената нега.
Продолжуваме и понатаму со истата динамика и во периодот којшто следи. Знаете дека интензивно планираме да инвестираме во здравството, тука е Клиничката болница во Штип, заедно со Медицинскиот факултет и студентскиот дом во Штип. Тука е болницата во Кичево, заедно со Здравствениот дом. Тука е Клиничката болница и реконструкцијата на Клиничката болница во Тетово, така што, еден поширок зафат, би рекол, во периодот којшто следи ќе бидеме сведоци на такви процеси. Така што еве, уште еднаш да им честитам и да посакам она што се вели, што помалку пациенти, што повеќе здрави луѓе. Но, тие коишто имаат потреба од услугите на оваа клиника да добијат навистина европски услуги, онакви какви што ги заслужуваат, рече Мицкоски.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...