Европската Унија е колос кој за себе мисли дека е глушец и во преговорите за царините со американскиот претседател Доналд Трамп, наместо решително да одговори на неговиот блеф, одлучи дека е подобро превентивно да го потопи сопствениот чамец, само за да не го ниша, пишува денес британски „Гардијан“.
„Зошто ЕУ се задоволува само со грицкање на периферијата на моќта? Ќе има ли некогаш толку самопочит како Кина, која му се спротивставуваше на Трамп со царина по царина сè додека не се повлече“, прашува „Гардијан“.
Медиумот проценува дека ЕУ би можела да го оспори блефот на Трамп бидејќи има многу поголема моќ против неговата политика од Кина.
Со овој инструмент, според проценката на весникот, таа би можела целосно да го запре производството на напредни полупроводници во САД со забрана на извозот, да го уништи „технолошкиот непријател“ од Силиконската долина со даноци и забрани за влез на пазарот и укинување на заштитата на интелектуалната сопственост и сериозно да го наруши снабдувањето со лекови на САД.
„Дали би ескалирало? Нема сомнение дека би ескалирало. Но, како послаб технолошки играч, ЕУ сигурно би имала помалку да изгуби, а повеќе да добие. Покрај тоа, Европејците го мразат Трамп и веројатно би се обединиле во случај на целосна царинска војна, додека Американците, од кои половина исто така го мразат Трамп, не би се обединиле“, оценува весникот.
Европа, пишува весникот, е подготвена да го прифати „шокантното однесување на САД што ги поместува границите, но не и своите“, објавува Бета.
„Предавањето на барањата на Трамп е однесување на ентитет кој продолжува да верува дека САД се своеглав пријател на кој треба да му се угоди, да му се ласка и да се плаши, додека во исто време САД под водство на Трамп ја гледаат Европа и ја третираат како слаба, наивна работа која треба да се манипулира и експлоатира“, пишува весникот, додавајќи дека треба да се очекува дека Трамп и неговите слични ќе дојдат со нова рунда уцени и барања.
„Гардијан“ пишува дека, дури и ако на Европа не ѝ се допаднало, светот се променил и дека во овој нов свет, Русија, Кина и САД сакаат да се вратат на идеологијата на зоните на интереси и да го заменат владеењето на правото со владеењето на посилниот.
„ЕУ останува единствената значајна сила која посакува свет кој се придржува до владеењето на правото. Ова не значи дека е единствениот таков актер, таа е во друштво на Велика Британија, Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја и, кога станува збор за климата, голем број други земји, потенцијално предводени од Бразил“, се наведува во текстот./Извор:Makfax
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...