Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Шест пожари сè уште активни, 38 интервенции на отворено во изминатoто деноноќие

Во изминатите 24 часа, Центарот за управување со кризи (ЦУК) евидентирал вкупно 38 пожари на отворен простор низ земјата. Од нив, шест сè уште се активни, пет се ставени под контрола, а останатите 27 се целосно изгаснати.

Моментално најсериозната состојба е во источниот и централниот дел на државата. Активни пожари беснеат во реонот на Малешевските планини, кај селата Нивичино, Мал Готен, како и во општините Василево, Радовиш и Берово. Се работи за опожарена нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација. Сериозна е и состојбата во Македонски Брод, каде што на три различни локации – кај селата Грешница, Локвица, Крапа и Латово – се шират пожари низ мешана и деградирана шума, грмушки и сува трева. Слична ситуација има и во прилепскиот регион, каде што огнот се движи од селото Штавица кон Чумово, Волково и Прилепец. Пожар е активен и во Желино, меѓу селата Церово и Групчин, каде гори деградирана нискостеблеста шума.

Во исто време, пет пожари се ставени под контрола. Станува збор за пожари кај селата Шурленци и Езерани во Ресен, во дојранското село Николич, во велешкиот регион кај Џидимирци, Крушје и Иванковци, како и во гостиварското село Симница. Контрола е воспоставена и во прилепскиот регион, на Радобилскиот рид помеѓу Царевиќ и Смолани.

Останатите 27 пожари, кои биле регистрирани ширум државата – од Скопје, Куманово и Гевгелија до Кичево, Струмица и Брвеница – се изгаснати. Најчесто се работело за горење на сува трева, ѓубре, стрништа и ниска вегетација. Имало и повторно активирање на пожар на иста локација, како што е случајот со селото Оризаре во општина Липково.

Надлежните апелираат до граѓаните да бидат крајно внимателни, да не палат огнови на отворено и да го пријават секое сомнително движење на чад или луѓе на 112. Топлотниот бран, проследен со зголемени температури, ветер и сува вегетација значително го зголемуваат ризикот од нови пожари./Извор:Makfax