Со одигрување фудбалски натпревар беше пуштен во употреба теренот на фудбалскиот стадион во општина Илинден. Капитална инвестиција што ја реализираше Општина Илинден во соработка со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Овој проект претставува едно од најзначајните инфраструктурни вложувања во спортот на локално ниво и е симбол на континуираниот развој на општината.
Стадионот е изграден согласно сите современи стандарди за одржување на фудбалски натпревари, вклучително и критериумите на УЕФА. Тој е дел од развојниот план на Општина Илинден и од предизборната програма на градоначалникот Александар Георгиевски, што претставува уште едно целосно исполнето ветување.
На отворањето присуствуваше градоначалник Георгиевски, заедно со претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, пратеничката Драгана Бојковска, како и директори и советници. Градоначалникот во своето обраќање гордо истакна дека со отворање на новиот стадион, Илинден добива повеќе од само спортски објект – добива центар за заедништво, младински развој и спортски дух. „Илинден доби модерен фудбалски стадион, изграден по сите европски стандарди. Ова не е само терен, туку симбол за посветеноста кон младите, спортот и иднината на нашата општина.“ – истакна градоначалникот Георгиевски.
Проектот опфати комплетна реконструкција и проширување на фудбалскиот терен со поставување на нова вештачка трева и нова заштитна ограда, како и изградба на систем за дренажа и одводнување, со што ќе се добие професионална подлога за одржување на фудбалските натпревари. Во следната фаза ќе биде изградена нова трибина со капацитет од 1100 гледачи, како и нови административни и технички простории, соблекувални и стадионско осветлување. Исто така, ќе се изградат паркинг места, а хортикултурно ќе биде уреден и просторот околу стадионот.
Илинден доби спортски капацитет со кој ќе се задоволат потребите на пошироката заедница. А општината ќе продолжи да вложува во унапредување на спортско-рекреативните капацитети, со што ќе се поттикне здравиот начин на живот помеѓу младите.