6. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
вестМАКЕДОНИЈА

Една лента, две насоки: фанфари за „автопат“ што засега е само обичен регионален пат без ознаки

На 21 јуни, во првиот викенд од летната сезона, министерот за транспорт и врски Александар Николоски и директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски свечено пресекоа лента за шесткилометарскиот сегмент Подмолје – Охрид, претставувајќи го како „нов автопатски правец“ кон езерскиот туристички центар. Во официјалното соопштение министерството нагласи дека „делницата се пушта за сите возила“ и дека изградбата „напредува според динамиката“, без дополнително објаснување за режимот на сообраќај, пишува Рацин.мк

Реалната слика на теренот е поинаква. Сообраќајот се одвива двонасочно по само една коловозна лента, со привремени жолти ознаки, шљунак каде што треба да има банкини и незаштитени стрмни падини. Втората спротивна лента неопходна за статус на автопат – е сè уште во фаза на земјени работи и машински ровови. Недостига комплетна вертикална сигнализација, нема ленти за застанување ниту бетонски заштитни бариери, а хоризонталното обележување е делумно. Патот, практично, функционира како проширен локален/регионален правец, а не како поделена автопатска траса со четири ленти.

Ова привремено решение доаѓа во момент кога дневниот прилив туристи но и дневна употреба на луѓе кои живеат во охридско/струшкиот регион предизвикува сериозни застои но и опасност посебно при исклучувањето од Струга кон Охрид.

На спустот од превојот Пресека градиентот надминува седум проценти, а тесниот профил без разделна бариера создава колони тешки камиони и автобуси што се движат со 30–40 км/ч. Доколку при спустот возите повеќе од 40 км, сериозна е шансата да завршите во делот кој се гради наместо пуштениот автопат од проста причина што по кривините нема ни 30 метри до првото вклучување и импровизирани сигнални средства кои ве упатуваат каде да се приклучите.

Институционалниот наратив е оптимистичен. Министерот Николоски повтори дека целиот автопат Кичево – Охрид ќе биде готов до октомври 2026 и дека „вечерва ги гледаме првите резултати од засилената динамика“. Ни збор дека сообраќајот се пушта само на половина профил, ни појаснување за безбедносните ризици. Сличен тон има и јавното претпријатие, кое во своето соопштение ја нагласи „коректната соработка со изведувачот“ и „значајното олеснување за туристичкиот сообраќај“, но го прескокна фактот дека трајните решенија ќе дојдат дури по дополнителни работи и приемни технички контроли.

За јавноста останува отворена дилемата: зошто делница што објективно не ги исполнува критериумите за автопат е претставена како готова, наместо како фаза во градба со привремен режим? И колкава е цената – финансиска и безбедносна – на одлуката да се пуштат двосмерни колони по недовршен коловоз токму во пикот на туристичкиот притисок?

Додека официјалните изјави зборуваат за „историски чекор“, возачите на пат кон Охрид и натаму делат една лента во две насоки, со ограничување од 40 до 60 км/ч и внимателност што повеќе прилега на регионален отколку на „концепт на модерен автопат“.

Извор: Racin.mk

Можеби ќе ве интересира

Свадба во затворот во Струмица (ФОТО)

ДЕСК

Спасен параглајдеристот кој висеше закачен на дрво високо над 30 метри

ДЕСК

Спасувачка акција на повреден параглајдерист закачен на дрво високо над 30 метри

ДЕСК