Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Битиќи до Кочоска: Колкав е реално јавниот долг на државата после историското задолжување?

Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, а се однесуваше на реалната состојба со јавниот долг и тековните задолжувања на државата.

Во продолжение интегрален текст од прашањето:

На расходната страна на Буџетот, заклучно со април 2025 година, за камати на домашен долг се исплатени 3.397.000.000 денари (55,2 милиони евра), што претставува 40,52% од планираната сума за целата година (9.124.000.000 денари – 148,3 милиони евра). Ако со оваа динамика се продолжи, односно околу 10% месечно се трошат од вкупно планираните средства за камати за домашниот долг, тогаш до крајот на годината ќе треба да се исплатат околу 180,3 милиони евра по овој основ, односно ќе треба да обезбедите дополнителни 32 милиони евра.

За тоа како се движи домашното задолжување, зборуваат бројките – од почетокот на 2025 година до 20 мај, државата реализирала 12 аукции на државни обврзници со вкупна вредност од 17.052.460.000 денари (приближно 277,2 милиони евра).

Исто така, за камати на надворешен долг се исплатени 5.325.000.000 денари, што е 45,4% од планираното годишно ниво (11.721.000.000 денари – 190 милиони евра). Овде динамиката на месечно ниво е околу 11% од вкупно планираните средства, што значи дека ако се продолжи по овој пат, до крајот на годината ќе недостигаат околу 70 милиони евра (вкупно, треба да се наплатат 260 милиони евра). Овие податоци укажуваат на многу поагресивна динамика на задолжување отколку што беше планирано и најавувано од страна на Владата при проектирањето на Буџетот за 2025 година.

И покрај овој агресивен пристап во задолжувањето, Министерството за финансии во последниот извештај за јавниот долг на крајот на првиот квартал од 2025 година информираше за намалување на јавниот долг за 4,7 процентни поени споредено со крајот на 2024 година, односно од 62,4% на 57,7% од БДП (9,58 милијарди евра), што во апсолутен износ претставува намалување од 36 милиони евра. Но ова намалување не го покрива зголемувањето кое го имаме кај финансирањето на каматните стапки за домашниот и надворешниот долг, каде ќе недостигаат над 100 милиони евра.

Кога сме кај проекциите за јавниот долг, тие се базираат на нестабилна основа – процентите се пресметани врз проекција за раст на БДП од 3,7%, а Државниот завод за статистика излезе со официјален податок дека растот на БДП во првиот квартал изнесува 3%.

Дополнително, Фискалниот совет излезе со извештајот за 2024 година, каде се забележува дека буџетските корисници имаат над 700 милиони евра доспеани, а неподмирени обврски, за кои, советот оценува, цитирам, „претставува дополнителен проблем за обемот и динамиката на јавниот долг“.

Со оглед на сето ова, моето прашање е:

Која е реалната состојба со јавниот долг на државата и дали Министерството за финансии планира да ја ревидира стратегијата за задолжување, земајќи ги предвид зголемените трошоци за камати, растот на БДП од 3% во првиот квартал и над 700-те милиони евра на пријавени доспеани, а неизмирени обврски на буџетските корисници?

error: Соддржината е заштитена.