Интегрален текст од соопштението на Царинската управа:
Царински службеници на граничен премин Богородица во една цистерна пронајдоа дури 49 штеки цигари и 300 грама тутун за пушење скриени во цевката за црево, како и во цевката во долниот дел од цистерната. Возачот на товарното моторно возило – цистерна, за да може полесно да ги извади штеките цигари ги поврзал со сајла и така ги скрил во цевките, се со цел да избегне плаќање давачки во износ од 81 илјада денари. Против него е поведена соодветна постапка, а штеките цигари и тутунот се запленети.
Во друг случај на граничен премин Богородица Службата за мобилни скенери при скенирање на товарно моторно возило – цистерна, откри 6 штеки цигари скриени во кабината.
Запленети 30 илјади евра што патник сакал нелегално да ги изнесе преку граничен премин Богородица. Станува збор за српски државјанин кој со себе носел 40 илјади евра и за кои возачот не поседувал потврда за пријавени платежни средства при влез во државата. Согласно закон на патникот му се вратени 10 илјади евра, износ што нерезиденти може слободно да го изнесат од државата, додека останатите 30 илјади евра се задржани.
Службата за мобилен скенер спречи обид за нелегален влез на четири мигранти, државјани на Египет. Мигрантите се пронајдени во просторот за палети на камион со грчки регистарски таблички, на влез во државата, на граничен премин Богородица. Случајот е предаден за понатамошна постапка на полициските службеници од граничниот премин.
Спречен обид за шверц на 540 шишиња вино коишто биле скриени во автобус, пријавен за влез во државата на граничен премин Блаце.
143 резервни делови за возила и 24 литри моторно масло, се пронајдени при контрола на автомобил управуван од албански државјанин пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија.
– Три таблети, две матични плочи и четири читачи на жетони за кафе-апарати се откриени во багажникот на автомобил со македонски регистарски таблички на влез во државата на граничниот премин Блаце.
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...