Астрономите открија мистериозен објект на 15.000 светлосни години оддалеченост, кој редовно емитува двоминутни импулси на секои 44 минути, во радио бранови и рендгенски зраци.
Објектот е именуван ASKAP J1832–0911, по австралискиот радиотелескоп ASKAP кој прв го детектирал. Неговата необична емисија сигнализира можен влез во сосема нова класа на космички феномени познати како долгопериодични радио транзиенти (LPT – long-period transients).
Научниците од австралискиот универзитет Куртин, кои предводеа меѓународен тим, објаснија дека сигналот од објектот бил детектиран во исто време и од рендгенскиот телескоп Чандра на НАСА. Оваа случајна синхронизација го овозможила првиот двоен (радио + рендгенски) поглед на феноменот LPT.
„Беше како да се најде игла во пласт сено“, рече Зитенг „Енди“ Ванг, астроном во Куртин и главен автор на студијата објавена во списанието Nature.
LPT за прв пат беа откриени во 2022 година. За разлика од пулсарите, кои ротираат неверојатно брзо и испраќаат импулси на секои неколку милисекунди, LPT испраќаат бавни и ретки импулси во редовни интервали кои се движат од минути до часови.
ASKAP J1832–0911, со циклус од 44 минути, е меѓу најбавните досега откриени LPT и првиот чиј сигнал е детектиран во спектарот на Х-зраци. Ова дополнително го комплицира идентификувањето на изворот.
„Овој објект е различен од сè што сме виделе досега“, рече Ванг./Извор:Makfax