Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, е еден од клучните говорници на 11-тата конференција за е-управување, која се одржува во Талин, Естонија. Тој беше гостин во синоќешната емисија „Тема на денот“ на Сител ТВ, каде што покрај неговата улога на оваа конференција, се осврна и на новите закони кои беа усвоени на последната владина седница.
“Изминатиов период мислам дека ни се случуваат многу сериозни историски моменти во поглед на дигитализацијата. Законот за електронски комуникации ја дава сеопфатната рамка за функционирање на телекомуникациите. Ние со овој нов закон се усогласуваме целосно со два клучни европски документи – код директивата и гигабит регулативата, што значи дека ќе бидеме усогласени со најновите политики кои ги има ЕУ и тоа е многу значајно затоа што ќе ги поттикне инвестициите во новите технологии.” изјави Андоновски, и дополни дека во изработката на овој закон испочитувано е и мислењето на Уставниот суд.
“За мене е многу значајно што ја почитуваме и домашната регулатива, имено, имаше едно мислење на Уставен суд кој што тргна во процес на поништување и укинување на определени одредби од Законот за електронски комуникации, но со овој нов закон ги регулираме и овие прашања, и мислам дека веднаш штом помине во Собрание ќе добиеме еден многу квалитетен закон.” рече министерот
Во однос на Законот за безбедност на мрежи и информациски системи, Андоновски истакна дека е исклучително важен, затоа што за прв пат државата добива закон за Сајбер безбедност, иако истиот требало да го има многу порано.
“Ова е усогласување со НИС 2 директивата, што значи дека одиме на најновите можни трендови кои што ги следи Европската Унија, тоа не значи дека ќе бараме веднаш сите институции и компании да се усогласат, но имаме многу прецизни рокови во законот кои што до 2027 година ќе треба целосно да го усогласат однесувањето на институциите. Формиран е сектор за сајбер безбедност во рамки на Министерството за дигитална трансформација кој треба да претставува точка за пријавување инциденти на владино ниво. Во законот за прв пат се препознаваат и сајбер професионалци, за нив е предвиден додаток на плата од 40% целта е да ги мотивираме да останат во јавната администрација и да може да сметаме на нив во справуањето со инциденти, затоа што не може да размислуваме на дигитализација без сајбер безбедност.” заврши Андоновски