Интегрален текст од денешната прес-конференција на Мирче Најдоски, претседател на Комисија за култура на СДСМ
Почитувани,
Една година помина откако ВМРО-ДПМНЕ ја презеде одговорноста за културната политика во државата. Ветуваа враќање на националната култура, поттикнување современа продукција, грижа за уметниците, реформи и достоинство. Но реалноста, како и секогаш со оваа партија, е сосема спротивна од ветувањата.
Културните институции останаа без визија, без поддршка, без дијалог.
И додека се прават дека се грижат за културното наследство, зад сцената тивко подготвуваат нов концепт: приватизација на културното богатство. Наместо заштита, се подготвуваат модели за комерцијализација, за префрлање на споменици, згради и музејски збирки под капа на „јавни приватни партнерства“
Фолклорот, јазикот, книжевноста се инструментализирани и сведени на сценографија за патриотски декор. Уметниците не добија почит, туку игноранција и политизација. Наместо реформи, добивме застој. Наместо поддршка, селективност. Наместо транспарентни конкурси – сомнителни одлуки и партиска кадровска матрица.
Музеи затворени или игнорирани. Театри со кратени буџети и страв за слобода на израз. Креативната младина – оставена сама да бара начини за опстанок.
Во првата година од своето владеење, ВМРО-ДПМНЕ ја претвори културата во егзотичен туристички водич за партиски избраници. Со додавaњето на зборот „туризам“ во името на Министерството за култура, не се отворија нови хоризонти за уметниците и институциите – се отворија само авионски билети за функционери. Од Венеција до Осака, културната дипломатија се сведе на шетање, селфиња и службени дневници. А домашната култура? Остана да чека во редица – без програма, без поддршка и без глас.
Ниту една суштинска реформа не е започната. Нема нови модели за финансирање, нема дигитализација, нема поддршка за слободните уметници. Приватниот сектор остана на маргините, а културната инклузија – само фраза на хартија.
Кога ВМРО-ДПМНЕ зборува за “идентитет”, всушност зборува за користење на културата како политички трофеј. Кога зборува за “враќање на вредностите”, мисли на враќање на стиропорната естетика. Кога ветуваше обнова, граѓаните добија само обновен политички притисок врз културниот сектор.
Меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, линијата на демаркација е остра и суштинска: СДСМ го разбира културниот систем како жив организам, каде што државата има улога на гарант и промотор на плуралноста, а не како архитект на една унапред подготвена “национална” приказна. Институциите работеа во континуитет, колективните договори беа почитувани, а платите навреме обезбедени. Со тоа, културниот работник не беше сведуван на молк и сиромаштија, туку на слободен творец.
СДСМ ќе продолжи гласно да ги штити интересите на уметниците, институциите и креативците. Зашто културата не е само национален симбол – таа е жив организам кој бара не само зборови, туку вистинска грижа, визија и слобода.