Од она кое имав можност да го забележам од медиумите и изјавите на официјалните македонски власти, надворешната политика е базирана на многу празни надежи и невтемелени самоубедувања отколку што се базира на реални основи. Сите наши надворешнo-политички активности се темелат на задолжувања и кредити, одошто се работи за некои промислени агенди и потези.
Ајде да почнеме од првата претпоставка. Новата влада на Фридрих Мерц ќе го запре процесот на проширување на Западниот Балкан (?) и на тој начин ќе направи Македонија да остане закочена и блокирана, практично ќе остане во лимбо состојба. Другата се базира на наративот дека „Русија ќе ја запре инвазијата на Украина“ (ако некој во тоа верува, авторот најмалку верува на оваа претпоставка) и дека Европа ќе продолжи „business as usual“ со Русија. Сега се поставува прашањето каков е односот на Македонија во ваквата констелација. Третата претпоставка се темели на тоа дека односот со Британците ќе им помогне на мицковци да бидат во добра релација со Вашингтон (?), иако од домашната/локална перспектива воопшто не се гледа дека е така.
Споменативе хипотези не’ водат во ќорсокак (а еден паметен човек еднаш рече): „Вие може да ги лажете луѓето некое време како што некои луѓе може да ги лажете цело време, ама сите луѓе не може да ги лажете цело време“.
Надворешно политичката акробатика на македонската влада е прилично конфузна. Факт е дека ако не беше кредитот од Унгарија, како што е факт ако не биде и овој кредит од Британците, за кој на големо се зборува – и изнесува неверојатни 6 милијарди евра – Македонија ќе банкротира за две недели. Се разбира, тука не смееме да го заборавиме императивот на владата на Мицкоски – билдање на рејтингот по секоја цена и градење на неколку култови на личности, пред сите тука се Александар Николовски и Христијан Мицкоски. Овие двајца луѓе многу добро знаат со кого, на внатрешен план, си имаат работа. Ваквите си имаат работа со уценето и темелно неинформирано широко граѓанство.
Реториката на домашните националисти и антиевропски сили, прекопирана е од рускиот пропаганден арсенал. Прво тука пред се’ се фамозните „златни визи“ на Заев и Филипче, а ако таквите глупости не пробијат, тогаш се оди со онаа класичната: европските сили во земјата ги третираат како фашистички, девијантни, расипани, легло на лоби групациите на ЛГБТ, масонерија, околутни центри на моќтта и неизбежните соросоиди или „шарени северџани“.
Без разлика на се’ ова погоре, Македонија има релативно мал број на граѓанство со когнитивна способност, како што има низок број на високообразовани луѓе, во споредба со западните земји, така што антиевропската реторика и руската пропаганда овде има плодна почва.
За разлика од Македонија и премиерот Мицкоски, Албанија ги отвори преговорите, отвори два кластери и до крајот на месец мај ќе го отвори третиот кластер, што значи дека Тирана брчи напред, додека Скопје трокира назад.
Да потсетиме, Македонија ги почна преговорите со Европската унија за членство во јули 2022 година, во исто време кога ги почна и Албанија. Тажната вистина за Македонците е што Албанија за нецели три години направи повеќе во преговарачкиот процес од Македонија, дополнително, тоа не говори повеќе за капацитетите на двете земји од колку што говори за решеноста на Еди Рама да ја воведе Албанија во ЕУ и, еуфемистички речено, неможноста на Мицкоски да излезе од сопствениот рејтинг (за малку не реков стомак!), и’ ја направи Македонија членка на европското семејство.
Од она кое го гледам/читам во западните медиуми, албанскиот премиер Еди Рама минатото лето разбра дека руската агресија на Украина креира неповторлива шанса за државите од Западен Балкан да ја променат својата зајадлива и расистичка историја, и’ го забрзаат патот кон Европската унија.
Од друга страна, Македонија со Мицкоски се претвора во еден вид на хибридна демократија. Наместо реформи во правосудството, ефикасна борба против корупцијата, јакнење на демократските институции, заштита на слободните медиуми, се продолжува со безочна пропаганда, означени сме како најкорупирана земја на Балканот, се рушат последните независни и професионални институции, а таквиот (најнов?) случај е денес кога Трајко Славевски ќе станувал новиот гувернер на Народна банка.
Попатно, во Албанија правосудниот систем се чисти од судии и обвинители кои се поврзани со организираниот криминал, се засилува борбата против корупцијата, се процесуираат луѓе од врвот на власта и полицијата. Тирана ги исполнува точка-по-точка европските агенди, а премиерот Рама плете мрежа од контакти во европските престолнини, особено со оние кајшто постои отпор или скептицизам кон Албанија, не се плаши да му пружи концесии на грчкиот премиер Мицкотакис за евентуално албанска блокада во Европа.
Потезот на отварање на центри за лица кои бараат азил во Италија, со можност да се отворат и оние кои би важеле за цела ЕУ, претставува врвен пример на прагматичност и итроштина само за да стигне до целта, односно широко отварање на патот кон членство во ЕУ.
Македонија со оваа гарнитура на власт, жалам што ова мора да ви го кажам, осудена е да остане во лимбо: не може да напредува кон Европската унија поради обврските од „Францускиот предлог“ и опседнатоста на премиерот со својот домашен рејтинг.
Алабнија ита кон Европа, Црна Гора исто така. Македонија, Србија и БиХ остануваат заглавени. Дали е во ред да се шири антиевропскиот сентимент во Македонија? Се разбира дека не. Дали е во ред Македонија да биде изолирана и презадолжена со кредити? Се разбира дека не. Ама, пак, може ова е таа „патриотска политика“ на „гордите“? Е, јака политика, комшија. На здравје!
Пишува: Ненад Јовановиќ
Текстот е личен став на Авторот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.