Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Зелената група на Конференција за енергија, транспорт и заштита на климата

Пратениците Тони Јаревски, координатор на Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени; Велика Стојкова Серафимовска, Илир Демири, Мерита Колчи Коџаџику и Јулија Тушевска, членови на оваа Група, учествуваа на конференција по повод завршувањето на Програмата за развој на капацитетите на неформалните меѓупартиски Зелени парламентарни групи од Западен Балкан за енергија, транспорт и заштита на климата, која се одржа на 16 мај 2025 година во Подгорица, Црна Гора.

Покрај делегација од Собранието, на конференцијата учествуваа и претставници од националните парламенти на земјите од Западен Балкан, експерти и претставници на невладините организации.

На конференцијата беше истакната значајната улога на националните парламенти за промоција и подигнување на свеста за зачувување на животната средина и зелената агенда. Парламентите треба да бидат мост помеѓу владите и интересите на граѓаните. Досегашниот проект во кој учествуваа неформалните зелени парламентарни групи на земјите од Западен Балкан беше позитивно оценет бидејќи придонесе во носење на низа закони од областа на животната средина и промотивни активности за зачувување на животната средина. Зелената агенда е составен дел и од Берлинскиот процес и затоа и во иднина ќе добива значајна поддршка од Сојузна Република Германија.

Пратеникот Тони Јаревски истакна дека трендот на интензивно инвестирање во обновливи извори на енергија што започна со енергетската криза во 2022 година, продолжи во 2023 и 2024 година што предизвика и промена на структурата во производството на електрична енергија. Имено, во 2020 година учеството на термоелектроцентралите во вкупниот инсталиран капацитет од 49% се намали на 34,65% во 2024 година. Од друга страна, учеството на обновливите извори во вкупниот инсталиуран капацитет во 2020 година изнесувал 37,%, а во 2024 изнесува 55,72%

Во однос на транзицијата кон зелена енергија и поголема употреба на обновливи извори на енергија може да се каже дека пратеничките групи застапени во Собранието даваат поддршка на проекти поврзани со зелена енергија. Покрај приватните инвестиции, треба да се спомнат и инвестиции од страна на државата. Пред неколку месеци во Собранието со поддршка од пратениците беше донесен Закон за задолжување во вредност од 55 милиони евра за изградба на фотонапонска електрана Битола 2 и Ветерен парк Богданци фаза 2. Битола фаза 2 ќе се гради во рамките на РЕК Битола и ќе има инсталиран капацитет од 50-60 MW за задоволување на потребите на 20.000 домаќинства и се очекува намалување на емисијата на јаглерод диоксид за 63.000 тони годишно. Со втората фаза ветерен парк Богданци се предвидува ветерни турбини и зголемување на дополнителна моќност од 13,6 MW. Како пратеници и во иднина ќе даваме поддршка на сите проекти кои значат поголема употреба на обновливи извори на енергија и зајакнување на регионалната соработка во енергетиката.На среден и долг рок значаен капитален инфраструктурен проект кој доколку се реализира значајно ќе ја промени структурата на енергетскиот сектор и ќе влијае кон постигнуџање на целите кон зелена транзиција е изградбата на хидроцентралата Чебрен на Црна Река со планиран капацитет од 330 MW.

Пратеничката Велика Стојкова-Серафимовска информираше за активностите на Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени. Активностите на пратениците на неформалната зелена група во изминатите години беа насочени кон предлагање на закони, поднесување на амандмани на предлог буџетите за проекти за заштита на животната средина, учество во подготовка на надзорни расправи во Собнранието, посета на повеќе градови и средби со невладините организации. Таа особено ја нагласи важноста на регионалната соработка помеѓу парламентите и воопшто земјите во зачувување на животнта средина и промоција на зелената агенда, културата и традициите. Земјите од Западен Балкан се соочуваат со заеднички проблем во делот на загадување на животната средина и затоа е потребен заеднички настап преку реализација на низа проекти за надминување на ваквата состојба.