Денеска, на Скопскиот Аквадукт стартуваше најголемата тридневна (9, 10 и 11 мај) годишна национална акција за собирање отпад – ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД (волонтерска кампања од граѓани за граѓани), организирана од Мен Енд Маунтен заедно со нивниот главен стратешки партнер Пивара Скопје и официјалните партнери Пакомак, Нула Отпад, Шпаркасе банка, ЕВН Македонија, Бучим Боров Дол, Макстил, Саубермахер и Костал. ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД се спроведува во сите општини низ целата земја со илјадници волонтери на повеќе од 500 локации.
Акцијата е поддржана и од ЗЕЛС, Црвен крст и Министерство за животна средина, како и од многу познати јавни личности. Над 20.000 волонтери ја чистат нашата татковина на повеќе од 500 локации во сите општини низ земјава, вклучувајќи над 600 организации, институции и компании, еколошки, граѓански, спортски здруженија, пензионерски организации, јавни институции, локални и урбани заедници, градинки, училишта, факултети и волонтери и националните паркови.
Со поддршка за еко акцијата со видео порака се огласи и Претседателката на Р.С. Македонија, Гордана Силјановска Давкова, која апелира до граѓаните да се вклучат:
“Постојано зборуваме за зелени политики, а живееме во сиво црна реалност на убиствен воздух, загадени езера и реки, опустошени шуми и контаминирана почва. Не сакаме да се соочиме со тешката еколошка криза. Природата не може да биде жртва на профитната агресија. Доколку сакаме здрава иднина треба сите на 9, 10 и 11 мај да се обединиме во најголемата еколошка акција ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД, како доказ за национална одговорност и еколошка будност.“, вели Силјановска Давкова.
На отворањето на еко-акцијата – Генералка Викенд, на Скопскиот Аквадукт, каде собираа отпад над 200 волонтери, присуствуваа и: Претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска Давкова, вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, министерката за образование и наука Весна Јаневска, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, Директорката на секторот за корпоративни политики и одржливост на Пивара Скопје, Снежана Савиќ Димовска, австрискиот амбасадор, Мартин Памер, Секретарот на Црвен Крст, Сузана Тунева Пауновска, Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, претставници од Управа за заштита на културно наследство, претставници од институции, претставници на амбасадите присутни во нашата земји, волонтери и повеќе јавни личности.
Како стратешки партнер на Генералка викенд, Пивара Скопје во овие три години, покажа дека компаниите имаат моќ да инспирираат промени:
„За нас, една ваква акција е повеќе од поддршка и бројки – тоа е одраз на нашата компаниска визија, одговорност и повик до сите останати заедно да бидеме двигатели на позитивни промени. Со личен пример и со заедничка акција ја менуваме свеста, инспирираме други и градиме подобра иднина и драго ми е дека сме успеале во тоа. Ова е еден од нашите начини да покажеме што значи вистинска општествена одговорност. Пивара Скопје секогаш избира да води со пример.“, вели Снежана Савиќ Димовска, Директорката на секторот за корпоративни политики и одржливост на Пивара Скопје.
Со поддршка на Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ, за првпат, „Генералка викенд“ е вклучена и во едукативниот проект „Еко час“. Учениците од сите училишта ширум земјава добија за домашна задача на 9 мај заедно со своите наставници и професори да ги исчистат училиштата, на 10 мај учениците заедно со нивните семејства ќе ги чистат домовите и просторот околу нивните живеалишта, а на 11 мај учениците заедно со семејствата ќе ги чистат парковите и пикник местата во нивното опкружување. Нивна задача е да го фото-документираат чистењето и на првиот школски час да ги презентираат резултатите.
„Образовниот систем ги насочува младите да се грижат за средината во која живеат. Наставните програми во сите одделенија содржат елементи, кои ја подигнуваат свеста за ризиците од загадувањето и поттикнуваат превентивно делување. Но, со повеќе партнери на образовните установи и добри иницијативи што лесно се препознаваат, еколошката едукација може постојано да се унапредува. Потврда за тоа е токму акцијата Генералка викенд, во која учениците масовно учествуваат“, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Врз основа на меморандумот во траење од 10 години, кој Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Национални шуми го склучија со Мен енд Маунтен, секоја година по завршувањето на еко акција Генералка викенд, во ноември се случува вториот дел од акцијата наречена СОНЧЕВА ГОРА, што подразбира пошумување на државно земјиште.
На секои 10 килограми собран отпад се посветува по едно дрво од годишните планови за пошумување. Во рамките на овие пошумувања во изминативе години беа засадени 125.000 садници на различни локации: околу езерото Младост во Велес, селото Ќојлија во општина Петровец, во близина на мегалитската опсерваторија Кокино и во општина Старо Нагоричане.
По овој повод првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, г-дин Изет Меџити рече дека преку ваквите акции, заеднички покажуваме иницијатива, воља и подготвеност за соработка
„На отпадот не му е местото на улица или во природа. Министерство за животна средина и просторно планирање ги поддржува сите акции во кои се покажува силна иницијатива, инклузивност и желба да бидеме дел од промените со кои ќе се овозможи подобра иднина за нас и за следните генерации. На нашиот пат кон Европа, треба да се однесуваме европски.“
Во изминативе четири години беа собрани 1 милион килограм отпад за време на Генералка викенд, досега земаа учество над 44.000 волонтери, исчистени беа повеќе од 1000 локации и засадени беа 125.000 дрвја.
„Генералка викенд“ е најголемата и најмасовната волонтерска акција во земјава и регионот која испраќа силна и јасна порака дека загадувањето е заеднички непријател, а свесноста и ангажманот на граѓаните се клучни за промена. „Генералка викенд“ покажува дека кога цела земја се обединува околу една цел, можни се конкретни чекори кон почиста и одржлива животна средина.