Во историјата на создавањето на политичките партии, барем за оние кои читале, а тоа е далечната 1910/11. година на Балканите, пишува: „партија која не излегла на повеќе од три изборни циклуси за да го потврди својот изборен легитимитет, не може да биде партија ами нечиј сателит или привезок“.
Така ви е и со партијата ЗНАМ на Максим Димитриевски. Па, затоа сите ние денес дуваме на последиците од таквата бесмислена авантура наречена „80 бесмислени пратениички егзистенции на една страна“.
Целата приказна започна, ми се чини, уште во 2019. година кога Максим Димитриевски „отиде в облаци“ и помисли дека може да биде Калиф наместо Калифот, а за тоа да го направи, разбирливо, му требаше непријател. Кога официјалната политика на Заев се обидуваше да направи уште еден Коперникански подвиг и’ го реши второто билатерално прашање со Бугарите, Максим & Димитриевски тргна контра, правдајќи ја својата позиција дека биле загрозени „националните интереси“.
Таквото дилетантско однесување во политиката, не само што го врати ВМРО-ДПМНЕ на власт, туку ги ослабна Социјалдемократите така гадно и проклето, а денес верувам дека разбираат во каква беља се втурнаа и самите „знамовци“. Практично, самите си ја скроија капата според туѓа мерка, поточно, според мерката на нивното бесмислено коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ. И, сега, ене ги, молчат во Собрание како „гугутки“, а можеше да биде се’ поинаку ако само за момент Максим Димитриевски ги намалеше своите амбиции без покритие.
Да замислиме дека партијата ЗНАМ на Максим Димитриевски ќе ја искористеше Собраниската говорница, па наместо лична корист, удреше критика на Власта: 1.) за неоправдано блокираниот Европски пат, 2.) за критика на Власта како се сиромаши по сите основи, 3.) за иселувањето, 4.) за нетранспарентноста во трошењето на јавните пари…
Да замислиме уште нешто; да замислиме дека некој од ЗНАМ ќе се профилираше во добар собраниски говорник, критичен, чувствителен и емпатичен за граѓаните кои живеат тешко и бесперспективно. Само тогаш ЗНАМ и Димитриевски ќе беа навистина добра, релевантна и репрезентативна партија, ама за жал, ништо од сето тоа. Се претворија во типично македонско мочуриште на тривијални и глупави интереси за полнење на своите аздисани мешиња.
Сите во ЗНАМ се претворија во гротескно-бирократски ќутолози, неопеани конформисти без ‘рбет. За овие и вакви „национални интереси“ мислеше Максим кога се глупираше во својата политичка појавност пред некоја година?
Така ли денес ги правдаат гласовите на граѓаните „знамовите“ пратеничиња (?), така што ќе работат бизниси, а пратеничките незаслужени плати од две илјади евра ќе си ги трошат како најлесно заработени пари во својот глупав политички живот? За тоа ли беше сета бесмислена игра во која направија опасна штета најпрво на Социјалдемократите, а потоа и на себе?
Никогаш и никакви алтернативи на Социјалдемократите не може да бидат балансер во општеството на лудите и неразумни политики на десничарската ВМРО-ДПМНЕ, па дури ниту симболично, во било што, а најмалку во параламентарната демократија во која се одржуваат плуралистички избори… На минатите избори се знаеше дека мнозинството пратеници ќе отиде на страната на ВМРО-ДПМНЕ, а сателитот наречен „ЗНАМ“ тука ќе има улога на „млада невеста“ која ќе гувее и чека мнозинството да му фрли по некоја коска. И сега се фатени или киднапирани од доминантната политичка партија заради своите лукративни интереси, пред се’ на нивниот лидер, а потоа и сите надолу по „партиска хиерархија“.
Споени садови, комшија!
ЗНАМ на Максим, последниве години демонстрираше детско однесување, „атипична размазеност“ поткрепена со „одбрана на националните интереси“. Сега ќе прашате какви последици произведе таквото однесување по активниот политички живот ЗНАМ на Максим Димитриевски?
Еве какви. Погледајте ја бројката на пратеници во Собрание, тоа за почеток е доволен индикатор дека земјата застранува во некоја бизарна автократија која се прашува за се’ оној чичко со наочари. Сите знаеме кој е тој чичко со наочари. Втора работа, десничарите излегоа сите на избори и не таласаа со своите изборни гласови, туку уредно си го гласаа ВМРО-ДПМНЕ без разлика што тие лично и интимно мислеле за лидершипот на нивната партија. И трето: градот Скопје изваде најмалку пратеници од листата на Социјалдемократите, како, нели, град за кој „тепаме“ дека е политички најосвестен, најбогат, најкритичен, најеманципиран, и останато нај, нај, нај…
Што значи дека Скопје, според мојот политички суд, за мене беше најголемо политичко разочарување за конституирање на една идна опозициона сцена.
И последно: нерационалното раслојување на гласовите од СДСМ во ЗНАМ за кое, еве, барем додека ги типкам овие зборови и реченици, не произведе никаков политички маневарски простор, туку дополнително ја зајакна власта. А може некој уште и’ да ми рече, „па, малку ли е?“ Не е малку, ама ова не е Северна Кореа, ами држава за која сите „тепаме“ дека треба да биде Европска и демократска, а не тиранска сатрапија во која мнозинството константно ќе го тероризира малцинството.
Некој уште може да рече – па тоа беше целта на Максим – да влезе во влада и направи пари за себе и својата клиентела? Не, иако од негова перспектива тоа му била целта, Максим само допринесе да ја зајакне авторитарноста и непокретноста на земјата, ги до-уништи добрите енергии, оние енергии кои се плурални и европски пред се… – Ама, не, бре, човек, за пари се работеше, како не разбираш?
Разбирам, пријатели мои, многу добро разбирам за што се работеше. Инсталирањето на диктатури се гради брзо, а тешко се руши. Разбирам. Притоа, разбирам и тоа дека неостварените демократи плаќаат дебело за инсталирање на недемократија, ама откако најпрво ќе си најдат дилетанти за да ги спроведат своите нечесни агенди.
А на крајот?
На крајот ќе го јадеме јас и ти, комшија, ако ме разбирате што сакам да кажам.
Пишува: Ненад Јовановиќ
Текстот е личен став на Авторот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.