Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ЛОКАЛНО

Герасимовски: Ја отворивме првата градинка во Пролет по 50 години, за најмилите, за нашите дечиња

Денеска, Општина Центар свечено ја отвори новата градинка „Пролет“, современ објект изграден од темел според сите безбедносни и функционални стандарди, со капацитет на згрижување на 173 деца, на површина од 3.200 метри квадратни.

Градоначалникот Горан Герасимовски, истакна дека градинката е завршена за помалку од три години, целосно финансирана од општината, без задолжување.

„Оваа градинка не е само зграда – туку симбол на визија, вложување во иднината и одговорно водење. Во еден мандат – започнавме, изградивме и денес свечено ја отвораме! Темелите ги поставивме во јуни 2022 година. И еве нè денес – пред најубавата градинка во целиот регион”, изјави Герасимовски на отворањето.

Тој посочи дека за помалку од три години објектот е целосно изграден, опремен и со сите потребни дозволи од Министерството за труд и социјална политика.

„Пролет” не е само објект. ,,Пролет” е визија. Вложување во иднината. Градинката е изградена целосно со општински средства, без кредити, по цена од 900 евра по квадратен метар – под просечната градежна цена. Модерно. Безбедно. Топло. Сè е направено одговорно и со внимание, според сите прописи” нагласи Герасимовски.

Герасимовски изрази благодарност до сите што беа дел од процесот на реализација, а особено до директорката на градинката и нејзиниот тим за нивната посветеност, соработка и визија уште од првиот ден.

Со отворањето на „Пролет“, Општина Центар добива не само нова градинка, туку и траен белег на еден успешен мандат и реални резултати.

Во своето обраќање, Герасимовски потсети и на другите проекти што паралелно се реализирални.

„Не застанавме додека ја градевме. Паралелно работевме на доградбата во ,,Коле Неделковски”. Го инсталиравме системот Смарт сити и поставивме околу 5.000 паметни светилки низ целата општина. Во полн ек сме со реконструкцијата на салата ,,Работнички” – и рокот ќе го испочитуваме”, посочи Герасимовски.

„Ова што го набројав не се само зборови. Ова се резултати. Видливи. Реални. Но, овој ден им припаѓа, пред сè, на децата. Нека влезат тие први. Нека уживаат. Нека растат тука – среќни, безгрижни, сигурни. А ние? Ние со гордост ќе погледнеме што оставаме зад себе”, рече Герасимовски.