Aко добро го разбрав министерот за култура од пред некоја ден на „Сител“ телевизија, тогаш разбирам дека тој човек ќе се занимава со сметководство и порамнување на два „колективни договори“, а нема да се занимава со својата министерска работа (иако и таа работа не ми е јасна до крај).
Во позадина, уште сега слушам: немој да спинуваш во корист на „комуњарите“ и нивните политички поени, црни Ненаде, така би можел да ми возврати министерот Љутков, на што, разбирливо, јас ќе му возвратам со контра-реплика: „а, што да правам со тие поени, министре, да одам во некоја од народните кујни, па со тие поени – како на времето со студентските бонови – залегнам во некоја крчма за јавно-приватно-партнерство, па да нарачам во изобилие телешка чорба, скара, бокалче и сифонче?“
Ајде, добро, доста беше зафрканции, да одиме на важните „поенти“ кои министерот ги изнесе на телевизија, а тие негови судови го зачешкаа мојот нос, драг господине Вотсон!
Прво, не ми се допадна цинизмот на министерот Љутков кога ги поврза своите колеги, луѓето од културата со опозицијата, само затоа што си ги бараат своите плати; не ми се допадна тоа што веднаш ги исклучи, ги дискредитира и ги омаловажи, велејќи им дека „бркале политички опозициони поени“. Навистина беше срамно тоа да се слушне од министерот за култура.
Второ, срамно и тажно е што од државниот буџет на Републиката се издвојуваат помалку од 2% за култура, што значи дека оваа Влада, како и претходната, во манирот на Радован трети, ни вели: „ма ко јебе културу“.
Трета работа: срамно и жално е што ги потценува министерот своите колеги уште еднаш на телевизија „Сител“ (овде го парафразирам по сеќавање од интервјуто): „90% oд нив чекаат само плата, а не се доволно продуктивни“ или така некоја слична глупост.
Се разбира дека парите се важни за културата, особено се важни на оваа скапотија и општа беда, би било глупаво и инфантилно тоа да се негира! Ама парите не се најважни, поточно, парите се важни во оној момент кога ќе го разрешиме основното прашање, она начелно прашање. А тоа прашање не е „дали има пари“, и колку ги има, туку прашањето е: за што се даваат тие пари, верувам дека ја приметивте оваа дистинкција: не на кому, туку за што!
За оние кои не знаат, новиот министер за култура ни се вика Зоран Љутков, по професија актер. Како слободен стрелец може да го наречеме „идеологизиран вмроец“, ма што и тоа да значи, иако значи многу, а значи и лошо, ама боже мој, никој не е совршен, па не е совршен ниту Љутков.
Злото, знаеме, опседнува многу побрзо од доброто, ама да ги оставиме на страна овие метафизицирања и музицирања.
Во реалноста, сепак, Љутков ни доаѓа од актерството. И во реалноста, сепак, Љутков не е Тони Михајловски, Никола Ристановски, Мето Јовановски, Ристо Шишков, Јордан Симонов, Висар Вишка, Ѓорѓи Јолевски, Игор Џамбазов, Сенко Велинов, Петар Арсовски… (нека на ова место ми простат неспомнатите македонски актерки, а ако жена беше на местото на министерка за култура, никогаш немаше да ја критикувам, па дури се викала и’ „Меги Тачер“, таа турбо хероина на капитализмот, ако ме разбирате што сакам да кажам (смех)!).
Значи, немам сомнеж дека министерот Зоран Љутков е „душа од човек“ и вмроовски „тврдолинијаш“, ама во реалноста, сепак, Љутков е некој човек кој со децении се занимава со третолигашко театарско актерство, и да се разбереме јасно: во тоа нема ништо лошо и страшно; оти знаете дека логиката е неуморно и работи на следниот начин: ако Љутков, на пример, требало да биде Никола Ристановски, Љутков ќе бил тоа; или Љутков ќе бил Михајловски, или Љутков ќе бил Вишка, или Љутков ќе бил Џамбазов, или Арсовски, или Шишков (продолжете ја низата…).
Е, бидејќи Љутков не е таква актерска величина, партијата го става за министер. Веројатно овие другите им се виделе премногу фриволни, бесни и „(не)субординирани“ (а некои се недостижни бидејќи се покојни). Од друга страна, неволјата по Мицкоски е таа која ни вели дека поинакви, поквалитетни (од тој „културњачки“ профил) во таа партија едноставно нема. Таквиот дефицит е толку очигледен, што напросто се гледа како слон во продавница за стакло.
За Мицкоски културата не вреди пет пари, па таа „прекомплицирана култура“ ја дава на некој што има помалку од 2% буџет.
Ако мене ме прашате, Љутков во оваа влада на Мицкоски, од сите останати негови осоколени следбенци, мене ми делува очовечено и пристојно, за разлика од сите оние други кои му ги водат министерставата со големи пари од државниот буџет. Дури, би рекол и уште нешто: не верувам дека Мицкоски е задоволен од Љутков, повеќе ми делува како да е доведен на тоа место под комплициран сплет на околности, се има впечаток како да му е изнуден, во спротивно, не само што за културњаците ќе имаше плати со се тие негови фамозни и порамнети „два колективни договори“, туку ќе им ја покачеа платата во културата на нови „пет колективни договори“, а министерството за финансии ќе прашаше „да не треба уште по нешто да зголемиме“.
А што се однесува за „културното наследство“ и како министерот Љутков таквото наследство го гледа, тука работите стануваат многу комплицирани. Да не речам гротескни.
Љутков зборува за некаква „тревна запуштеност“, зборува за некои културни објекти кои се распаѓале, зборува во основа за комунални работи, ама се плашам дека културата не е тоа и не може да биде тоа. Уште помалку културата може да биде спроведена на јавно-приватно-партнерство. Добро, ти можеш некои објекти да ги дадеш на приватни фирми, ама што ќе прават приватните фирми со „културните објекти“ – ќе отворат кафани и ресторани, па од трговија ќе ги плаќаат сметките на објектите кои се под надлежност на министерството, само за да не се прават непотребни трошоци и расходи?
Министерот Љутков дојде за министер само за да биде „кустос на културата“? Треба да ги детектира материјаните добра и тие да ги претвори во производство на уметнички капитал? А што ќе правиме со културата на сеќавање, кој тоа ќе го артикулира, како ќе се претстави тоа сеќавање во медиумите? Кој ќе биде нашиот однос кон минатото, како ќе го еманципираме овој човечки sверилник, што е со оние запуштени споменици од народноослободителната борба?
Дали министерот Љутков видел дека половина и повеќе споменици од времето на народноослободителната борба немаат глави? Дали културата ќе биде мост на помирување или ќе биде полигон за нови исклучувања и расизми на ниво на цела држава? Дали културата треба да биде сензибилизирање или ќе биде сметководствено биро за исплаќање на плати? Што е денес културата, како министерот ја разбира културата? На овие прашања министерот не даде одговор, или можеби немаше кој такви прашања да постави.
Власта е во голем проблем дури и со еден министер за култура: во идејна смисла, ми делува дека тоа е дилетантско друштво, а во уметничка смисла тоа е инфериорно друштво, ама не може да порекнеме дека немаат јасна и релативно консеквентна политичка агенда.
Таквиот програм може да го опишеме и како системско укинување и маргинализирање на се’ она (луѓе, дела, програми, институции…) што ги отелотворува и го продолжува модернизацискиот и еманципаторски домет или потенцијал на македонската култура, а триумфално ли ќе се враќаме „во седло“ на најмрачните личности и идеи од едно време за кое мислевме дека трајно го поразивме?
Како што реков на почеток, парите се ужасно важни во културата, ама во оваа приказна има нешто многу постаро од парите, само се плашам дека министерот Љутков тоа не го гледа.
Пишува: Ненад Јовановиќ
Текстот е личен став на Авторот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.