Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање изјави дека денеска се одржува првата средба на работните групи за правосудството, со фокус на реформската агенда.
Филипче нагласи дека правосудството е едно од приоритетните прашања и дека постои јасна слика што треба да се направи и кои закони треба да се донесат. Според Планот за раст и усогласување со европската агенда, рокот за донесување на законите за правосудството е јуни. И покрај тоа, ниту еден закон досега не е поднесен во Собранието.
„Затоа, како претседател на Националниот совет за евроинтеграции, покренав иницијатива да ги прошириме видиците, да ги надминеме суетите и да го организираме граѓанскиот сектор, универзитетите и сите чинители за да работиме заеднички на спроведување на планот“, изјави тој.
При тоа, Филипче посочи дека во работната група за правосудство, покрај потпретседателката на СДСМ, учествуваат и експерти од Правниот факултет. По првичниот коментар на министерот за правда, кој веројатно бил дел од дневно политичко препукување, сепак вчера бил добиен предлог за средба, кој денеска се реализира.
Претседателот Филипче додаде дека иницијативата за формирање работни групи била поттикната и од последните случувања, вклучително и трагедијата во Кочани.
„Граѓаните не сакаат дневно политички препукувања, туку суштински промени. За тоа е потребна заедничка работа на сите политички чинители. Жал ми е што некои партии одбија да се вклучат и дури се обидуваат да ѝ дадат етничка димензија на иницијативата“, рече Филипче.
СДСМ останува отворена за соработка и ги повикува сите политички субјекти да се вклучат во работните групи, со цел обезбедување реални и ефикасни реформи кои ќе ја приближат земјата до ЕУ, бидејќи во моменто со закочен евроинтеграциски процес -иднината на државата е загрозена.