Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, којшто годинава во исти ден го слават сите граѓани од христијанска вероисповед во светот, упати честитка до поглаварите на Црквите во земјава: Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан, до скопскиот бискуп и епарх струмичко-скопски на Католичката црква д-р Киро Стојанов, како и до д-р Емил Заев, претседател на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква.
Во продолжение ги доставуваме упатените честитки.
Почитуван г. г. Стефан,
Имам особено задоволство и голема чест Вам, лично и на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство, како и на православните верници, да Ви го честитам најголемиот христијански празник – Велигден и да Ви посакам да го поминете во добро здравје, во љубов, радост и среќа.
Христовото воскресение, како стожер на верата, кај секој христијанин веќе два милениума е симбол на животот и ги крепи нашата верба и надеж, инспирирајќи нè да ја негуваме духовностa и да даруваме љубов секому и секаде.
За време на велигденскиот пост ни се случи досега незапаметена трагедија во современата историја на нашата татковина. Најискрено се надевам дека Велигден ќе ни донесе утеха, добра мисла и оптимизам сплотени и солидарни да ги надминеме искушенијата.
Да покажеме дека од несреќата и неволјата можеме да излеземе помудри, подобри и похумани. Да правиме добри дела и да им помагаме на сите кои имаат потреба од помош и поддршка.
Христос воскресна!
Гордана Сиљановска-Давкова
Почитуван д-р Стојанов,
Ми претставува особено задоволство, Вам и на верниците на Католичката црква во Македонија, да Ви го честитам најголемиот христијански празник – Велигден и да Ви посакам мир, хармонија, среќа и бериќет.
Најискрено се надевам дека велигденските празници ќе им донесат радост во душата и љубов во срцето на сите верници, исполнувајќи ги со ведрина и оптимизам.
Како стожер на христијанството, Велигден ги осмислува животите на верниците, зацврстувајќи ја нивната духовност, вдахнувајќи им верба и надеж. Фактот што токму годинава сите христијани го прославуваат Велигден на ист датум нека биде поттик за сплотеност и за заедништво, како кај нас, така и во целиот свет.
Верувам дека со посветеност и одговорност ќе ги пребродиме тешкотиите и ќе придонесеме за просперитетот на државата и благосостојбата на нашите граѓани.
Христос воскресна!
Гордана Сиљановска-Давкова
Почитуван г. Емил Заев,
Дозволете ми Вам, лично, како и на припадниците на Евангелско-методистичката црква, да Ви го честитам најголемиот христијански празник – Велигден, од срце посакувајќи Ви празничните денови да ги поминете во радост, среќа, љубов и хармонија.
Велигден е извонредна можност да им се посветиме на нашите најмили и најблиски со љубов, ведрина и оптимизам. Да чиниме добрини и да бидеме хумани и благородни.
Верувам дека вдахновени од големиот празник ќе најдеме енергија и сила, сплотени да се соочиме со сите предизвици и искушенија, покажувајќи солидарност и заедништво.
Да си бидеме поткрепа едни на други, да се храбриме и да шириме позитивни мисли и емоции.
Нека ни е честит Велигден!
Гордана Сиљановска-Давкова