Интегрален текст од денешната прес-конференција на Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ:
Скандалозни се последните најави на Владата со кои сака да ги искриви реалните пресметки на потрошувачката кошничка.
Власта измислила сама да пресметува колку „чини животот“ на граѓаните и се обидува да го убеди народот дека со 400 евра може да се живее.
Ама, граѓаните да не одат на одмор, да немаат можност ниту за кино или театар – тоа било луксуз според власта. Да се живее само за сметки и храна, и тоа од листата на препорачани производи од Владата.
За Владата папаја, манго и аспарагус, а за граѓаните само трошки.
За граѓаните да биде луксуз одморот, а власта да изнајмува цели авиони на грбот на народот.
Целта на Владата е да го замени реалниот показател – минималната синдикална кошничка – со нова, владина креирана „просечна потрошувачка кошничка“.
Ама не за четиричлено семејство, туку за тричлено.
Нема веќе „мама, тато, дада и бато“ како што најави премиерот за ПР – сега има само тројца, за бројките да изгледаат подобро.
Зошто токму просечна кошничка?
Затоа што се споредува со просечна плата, која расте побрзо и се прикажува секој месец. Минималната – еднаш годишно. Така ќе покажуваат „раст на стандард“, но само на хартија. Не и за граѓаните со минимална плата.
Новата просечна кошничка ќе ги игнорира реалните трошоци. Ќе се сведува само на храна и сметки, без никаква рекреација, култура или достоинствен живот.
Она што го содржеше синдикалната кошничка – како минимум за живот – веќе ќе го нема. Не затоа што не е потребно, туку затоа што Владата сака да прикаже помали бројки.
А, токму просечната потрошувачка кошничка треба да мери просечен стандард, со реални трошоци за едно семејство, со пристојна исхрана, квалитетни производи, културен живот. Не само гол опстанок.
Ова не е економска мерка, туку политичка манипулација. И уште една навреда за интелигенцијата на граѓаните.
Бараме власта да се откаже од оваа срамна и скандалозна намера.