12. април 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ЛОКАЛНО

Герасимовски до управителите: Противпожарната безбедност не смее да се игнорира

Во Општина Центар се одржа работна средба на градоначалникот Горан Герасимовски, Секторот за инспекциски работи и голем дел од управителите на станбени и станбено-деловни објекти, како и претседатели на куќни совети.

На средбата се разговараше за предизвиците во делот на противпожарната заштита и одржувањето на фасадите.

„Имавме одличен одзив на нашето барање до управителите да достават информации за состојбата со противпожарната заштита. Важно е да продолжиме со меѓусебна соработка – само така можеме да обезбедиме безбедни згради за сите граѓани. Главен приоритет се ПП апаратите, проодноста на скалите и хидрантите. Ќе продолжиме да бараме системски решенија и соработка со ЗЕЛС и Дирекцијата за заштита и спасување“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.

Од општинската инспекција појаснуваат дека е потребна постојана и отворена комуникација со управителите.

„Доколку се забележат проблеми, особено заградени противпожарни скали, апелираме тие веднаш да се пријават. Ако објектот е небезбеден, градежен инспектор ќе излезе на терен, ќе состави записник и ќе донесе решение. Но, сè започнува со навремено пријавување. Контрола на сите згради во секое време е невозможна, затоа очекуваме одговорност и иницијатива од управителите“, посочија инспекторите.

На средбата беше потенцирано дека постојат чести случаи на кражби и обивање на сандачињата со противпожарна опрема. Управителите истакнаа дека вложуваат напори за заштита на системите и подобрување на состојбата во секоја зграда. И тие бараат под итно да се донесе системско и унифицирано решение за противпожарната заштита што ќе важи за сите локални самоуправи во државата.

Се разговараше и за проблемите со оштетени и небезбедни фасади, при што беше најавено дека Општина Центар во април и мај ќе има нови повици за субвенционирање на санација на фасади, кровови и лифтови.