Додека трговската војна меѓу Кина и САД влегува во нова фаза, кинеското Министерство за надворешни работи одржа редовна прес-конференција, на која доминира темата за царини и односите со Вашингтон.
Портпаролот на Министерството, Лин Џијан, веднаш беше прашан за царините за што тој ги обвини САД дека ја користат трговијата како оружје за максимален притисок и се обидуваат да постигнат себични цели.
„Овој потег не е само против Кина. Тоа е напад врз целиот свет“, рече Лин.
Зборувајќи за одговорот на Кина – царина од 84 проценти за американските стоки, тој рече дека тоа е неопходна контрамерка против злоупотребата на САД, со цел да се заштити суверенитетот на Кина, меѓународната правда и заедничките интереси на светската заедница.
„Трговските војни немаат победници. Кина не ги сака, но не се плаши од нив“, рече Лин додавајќи: „Ако САД решат да се борат, Кина ќе оди до крај“.
На прашањето дали Кина ќе одговори на тврдењето на Трамп дека чека повик од Пекинг за почеток на преговорите, Лин отворено одговори: „Притисокот, заканите и уцените не се начин за решавање на проблемите со Кина. Ако САД сакаат да разговараат, мора да покажат став на еднаквост, почит и заемна корист“.
Тој повтори дека Кина не иницирала трговска војна, но доколку биде принудена, ќе се бори до крај.
Зборувајќи за ефектот на американските царини врз остатокот од светот, Лин рече дека САД ги држат за врат другите земји за да ги принудат на отстапки. Тој го оцени како форма на принуда насочена кон доминација во меѓународниот трговски поредок.
Во истиот контекст се осврна и на односите со Европската Унија. Тој ја пофали изјавата на шпанската влада дека ќе ги продлабочи трговските врски со Кина и покрај американските предупредувања. Да потсетиме дека Вашингтон го предупреди Мадрид дека приближувањето до Пекинг значи само сечење на сопствениот врат.
Лин рече дека односите меѓу Кина и Шпанија се составен дел од поширокото стратешко партнерство со Европската Унија./Извор:Makfax