Американскиот претседател Доналд Трамп за време на средбата со израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, изјави дека не му се допаѓа тоа што Русија неодамна ги интензивира нападите врз Украина, пишува „Украинска правда“.
„Не сум задоволен од тоа што се случува со бомбардирањето затоа што тие (Русите) моментно бомбардираат како луди“, рече Трамп и додаде дека ситуацијата не е добра.
Тој исто така потсети дека САД водат преговори со Русија и со Украина за потенцијално мирно решавање на конфликтот.
„Се приближуваме до некаков договор. Но, не сум задоволен од сите бомбардирања што се случуваа минатата недела. Тоа е страшно. Тоа е страшна работа“, заклучи Трамп.
Во петокот, 4 април, Русија лансира балистичка ракета врз родниот град на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Криви Рих. Во нападот загинаа 20 лица, меѓу кои девет деца. Повредени се повеќе од 70 луѓе, меѓу кои и деца и тримесечно бебе.
Нападот на Криви Рих беше наречен најсмртоносниот поединечен напад врз деца во Украина од почетокот на војната од страна на ОН.
Украинскиот претседател Зеленски го осуди нападот како чин на екстремен цинизам и суровост и ја повика меѓународната заедница да изврши поголем притисок врз Русија да престане со таквите злосторства./Извор:Makfax