Како што пишува Би-би-си во својата анализа, Пекинг јасно става до знаење дека нема да отстапи пред најновите трговски притисоци на американскиот претседател Доналд Трамп.
Кинеското Министерство за трговија соопшти дека секој нов бран на американски царини ќе предизвика дополнителни кинески контрамерки насочени кон американските стоки. Во писмената изјава тие ја обвинија администрацијата на Трамп за „уцена“, предупредувајќи: „Ако САД истраат на овој пат, Кина ќе се бори до крај“.
Би-Би-Си истакнува дека Кина реагирала особено остро на тврдењето на Трамп дека неговите царини се „реципрочни“, нарекувајќи ги „неосновани“ и „типично еднострано насилничко однесување“.
Анализата заклучува дека е тешко да се поверува дека Трамп навистина очекувал Кина да ги повлече минатонеделните контрамерки само затоа што најавил нови. Освен што ќе го изгуби образот, не се очекува и кинеската влада, која сега отворено го нарекува американскиот претседател насилник, да попушти пред таква личност.
Според Би-би-си, Пекинг, со својот цврст став кон трговскиот хаос поттикнат од Вашингтон, може да смета на поширока политичка поддршка од меѓународната заедница, но и на нови трговски можности надвор од САД кои барем делумно би ги надоместиле загубите на американскиот пазар.
Но, аналитичарите предупредуваат дека ова не е поволен момент за трговска војна. Кинеската економија е под притисок, со слаба домашна потрошувачка, долготрајна криза во секторот на недвижности и висока невработеност кај младите.
Сега Кина се соочува со дополнителен ризик: можен колапс во трговијата со втората по големина економија во светот.
Како што пренесува Би-Би-Си, Комунистичката партија одлучила, и покрај се, да испрати сигурна порака до граѓаните. Во редакцијата во „Пиплс дејли“, официјалниот весник на партијата, се вели: „Кина има храброст и самодоверба да се соочи со последиците… таа е целосно способна да одговори на овој предизвик“./Извор:Makfax