19. април 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

Трамп има Мастер план скроен во „Мар-а-Лаго“: ќе ги предаде работниците кои го доведоа на власт

Граѓаните на Америка го гласаа Трамп само поради една, поточно две причини: бараа пониски трошоци за животните намирници (што значи уважување на своите лични потреби) и второ, на улиците да не се судираат со групите од мигранти кои некој ги исфрлил од автобус во далечниот Тексас. Звучи размазано, звучи препотентно и лигаво, ама тоа го бараа гласачите на Америка; одговорот, парадоксално, го препознаа во Трамп. 

И нормално, се заебаа. Но, ајде да одиме first thing first

Eкономистот Џилијан Тет за „Њујорк Тајмс“ укажа на тој голем ресет на глобалниот трговски, економски, финансиски, технолошки и воен систем, само како би се обезбедила американската надмоќ во годините кои доаѓаат. Америка со Трамп верува дека ќе постигне „премин“ од „неолиберален“ кон „меркантилистички начин на хегемонистичката сила“ и дека се’ ќе се сведе на тоа кој има моќ. 

Да ви преведам на македонски јазик: закани, злоставување, воведување на царини и воена сила – како начин да се стекне превласт и се оствари целта. 

Не знам дали сте го слушнале најновиот договор на Трамп: „Мар-а-Лаго договор“, симболот на неформални договори со светските државници во приватната резиденција на Доналд Трамп на Флорида. Економистот Тет ни тврди дека идејата е американската парична единица (долар) остане доминантна, ама истовремено да се намали нејзината вредност како би се поттикнал извозот и зајакнало домашното производство. Тоа ќе бара, барем според економистот Тед: „повеќе земји да се вклучат и согласат да се ослабне доларот, а за возврат, Америка би понудила некои врсти на царински олеснувања, воена заштита, сојузништво и други мерки…“.

Либералниот економист Јанус Варуфакис, пак, оваа стратегија ја нарекува Трамповиот „импресивен мастер план“ поради што, „Трамп ќе го издаде ‘своето племе на бесни финансиери’“, поточно, „ќе ја предаде американската работничка класа“ која го доведе на власт. 

Работниците денес гледаат збунето и молчат, затоа што веќе одамна живеат во неизвесност чекајќи ги своите чекови кои стигнуваат од петок-до-петок; ама немирот стига во нивните животи и за оние кои работат во Сојузната администрација или големите компании, во градови како Вашингтон, верувајќи дека барем додека беа Демократите на власт, „светот беше во ред“. 

Точна е оваа констатација: ама за оние кои имаат силни факултетски дипломи и добро платени работи. За таквите и денес светот е во ред, ама за оние другите, светот денес е жив пекол. Јазот помеѓу оние со средно образование и факултетски дипломи во Америка е огромен, притоа, таквиот јаз дополнително ја дели Америка и на расна основа. 

Статистиките ни велат дека помалку образованите живеат пократко од образованите, а нивните деца покажуваат многу полоши резултати во училиштата и често живеат без партнер. За разлика од Њујорк, кајшто работното време не се разликува дали е ноќ или ден, што не е случај во Вашингтон: улиците навечер се потполно пусти и празни. Тоа е јасен знак дека огромен број на луѓе работи од 9 наутро до 5 попладне, со солидни бенефити, здравствени осигурувања кои ги покриваат медицинските услуги, така што немаат причина за грижа – додека не се појави лудачкиот Трампов DOGE (Оделение за владеење на ефикасност) што го раководи Илон Маск, кој доби задача енормно да ја скрати владината потрошувачка. 

Како овие работи ги разбира нашата гига-турбо-мега македонска влада на Мицкоски? Најблаго речено комично. Вчера, откако на голема врата затропаа царините за Северна Македонија (колку прекрасно име, сиц!), веднаш излегоа со штуро владино соопштение: „тјах, знаевме ние, не грижете се, држиме се’ под контрола, бидете спокојни и слободно спијте мешечки“, така би го пародирал соопштението на владата на Мицкоски. Од друга страна, мене ми вели дека не знаат што зборуваат и дека тарифите/царините од 33% проценти ги акнаа директно по тимба

Можеби нема страшно да се затресе Македонската економија, ама оваа одлука на Америка е сепак политички став. А ставот е дека Мицкоски и владата, од Трамп добиваат „нога во задникот“, па нека видат сега што со тоа ќе прават. Силните милиони што ги „спичкаа“ за екскурзија и додоворување на Трамп во Америка и неговите богаташки фиќфириќи – пропадна!

Тоа ви е така кога Боле ќе се уфилма дека разбира „висока политика“. 

Но, да се вратиме ние уште малку на Америка. Имено, не само што ќе се воведуваат царини на најблиските партнери, туку се’ е сведено на принципот на директна корист. Повеќе не постојат сојузници и пријатели во светот на Трамп, туку само оние кои допринесуваат и одмогнуваат на она кое е воспоставено како слоган, „Америка на прво место“, што да бидете лудилото поголемо – повеќе не ги исклучува ниту територијалните претензии. 

Украинците за Американците не се доходовни – војната премногу чини, а не ги покажува посакуваните резултати. Безбедносните гаранции на Европа повеќе не се исплатливи; за Трамп Брисел сам треба да си обезбеди американско оружје и повторно да си продолжат самите со обезбедување на енергенти преку Северниот ток.

Се руши еден цел поредок, и тоа е премногу очигледно, додека американските граѓани сакаа само намалени животни трошоци, на таа парадигма го донесоа Трамп на власт. Го изгласаа Трамп и поради тоа дека ќе им гарантира мирен живот во кој не ќе мора да размислуваат дека ќе треба да се селат од местото во кое се родиле.

Ха (!), каква иронија; ха, каква трагична коме(н)дија!

 

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.