Сите денес се колнат во транспарентност. А научивме дека тамо кајшто нема транспарентност, не може да постои владеење на право. Или на пример вака, јас знам од сопствен пример како работи владеењето на право. Дозволте да ви дадам еден тривијален пример.
Во доцни часови, кога ќе се најдеме со некое друштво, паѓаат секакви муабети, а ако е навистина доцна и на масата се потегнало поприлично ѓезме и шприцер, да речеме, не сум (не)склон на некој човек потполно да му ја отворам душата како мачка во февруар и му се исповедам.
Додека се отварате, барем што се однесува до мене, се чувствувам страшно осамено. Го гледаш, човекот е тука; јас ги гледам неговите јасни очи кои ме гледаат, ама ништо не знам за неговата душа која стои позади нив. Тој човек ме слуша. Што си мисли? Поточно, дали воопшто мисли? Боже, какво е тоа страдање. Можеби ме мрази? Или ме презира? Или ми се руга фаќајќи ме во слабост? Можеби мисли за она кое му го кажувам, ме проценува, ми се потсмева, ме осудува, можеби си вели дека сум просечен или глупав човек?
Дали може да разберам дека ме сака онака како што јас него го сакам? И што се „крчка“ во таа негова округла глава? Голема е тајната на незнајната мисла на некое битие – мислата му е скриена и (не)слободна која не може да ја дознаеме, не можеме ниту да ја управуваме, ниту да ја потчиниме, а богами не може ниту да ја победиме.
Јас сакам да се предадам, да ја отворам душата на сите врати, а никако не успевам да се предадам! На дното на душата, на самото дно, го чувам своето ЈАС во некое скриено ќоше, а до него никој не допира. Никој не може да го најде, не може да влезе во него, затоа што никој не ми е сличен, можеби еден, двајца или тројца, и тоа е се’. Или затоа што никого во основа тоа не го интересира?
Ова ви е вишок на транспарентност во нашиот мал и секојдневен живот. А сега погорното го опишеме со јазикот на политиката.
Тамо кајшто нема транспарентност, недостига демократија, а тамо кајшто ги нема овие две работи, цвета корупцијата. А за денешната корупција од разните антикорупциски иницијативи кои беа така будни и гласни додека беа СДСМ на власт ниту трага, а богами ниту глас, зарем не?
Еве, да речеме денешната влада: погледајте ги оние имиња и презимиња за кои никој и ништо не слушнал – на ангро се ставаат вујни, стрини, тетки, партиски другари и другарки на силни државни функции. Погледајте ги тие „си-ви-ја“, погледајте ги тие биографии: како човек да ја чита повторно Алиса во земјата на чудата. Така празно, така просто, така црно-бело. Така едно големо ништо.
Од друга страна…, ма знаете што, разбирам, сите овие кои денес се вработуваат „на ангро“ се во основа социјално-декласирани луѓе, иако ги разбирам – си треба партиска машинерија за гласање – нема да има Европа. И до толку барем е јасно. Бугарите не може во Устав? Супер. Не може. Епа нема Европа. До толку барем е јасно.
И уште што е јасно? Јасно е дека добрососедските односи се важни. Ако нема добрососедство, не може да има ниту вистинска демократија. Владеењето на право е уште еден темел на демократијата за која се стремиме на нашиот историски пат во големото семејство на европските народи.
Сега ќе се обидам да ја проширам приказната, ќе се обидам да објаснам и „глобално“ зошто денес имам проблем и со Америка откако на сцената стапи Трамп и неговата администрација.
Да почнеме уште еднаш: транспарентноста е важна, така? Без транспарентност, нема ништо од Европската унија, така? Без транспарентност, нема вистинска демократија, така? Тамо кајшто недостига транспарентност, цвета корупција, зарем не? Затоа и преговорите кои ги водат Трамп и Путин околу Украина се траспарентни. Никој нема појма што тие двајца имаат договорено – а немаат појма ниту тие сами.
Трамп еден ден вели дека мирот е постигнат – и’ мир ќе има; другиот ден Путин фрла бомби низ Украина; Путин вели дека сретствата кои Америка и ги дава на Украина ќе бидат укинати; Трамп вели дека сретствата и ресурсите ќе продолжат за Украина. Инаку, најтранспарентни се оние договори во кои земјата која треба да преговара, не е вклучена. Тоа денес се нарекува „почитување на суверенитетот“. А најправедни преговори се оние преговори во кои се’ е подредено во корист на страната на агресорот. Тоа денес ви се нарекува меѓународно право.
Добрососедските односи се навистина важни и без нив – исто така – нема вистинска демократија. А со самото тоа ниту влез во Европската унија. А бидејќи е така, а тоа сите денес го знаат, Америка со анексија и’ се заканува на Канада и Гренланд, а по малку и на Панама.
Oвдешните власти, пак, доаѓањето на Трамп го разбраа како лична сатисфакција, а богами и како патоказ по кој треба да се движат во име на својата светла иднина (што претставува еден вид на „механизам на проекција“ којa понекогаш функционира, ама многу повеќе човека го доведува во заблуда). Најблаго речено, таквиот пат се наоаѓа на крајот на долгиот стап. Маркетингшките трикови исто така не треба да се сфатат банално и бенигно на денешниот премиер, таквите секогаш чувствуваат кога им паѓа рејтингот, a ако треба да го билдаат, уцвртувајќи се на политичкита позиција од која нема назад, тоа би значело и дека нема напред, поточно во основа ќе има „антиевропска агенда“.
Како денешниот прв човек на владата себе се гледа, тоа останува да видиме. Не личи во јавната комуникција на Трамп, ама не би го потценувал: се’ уште гледа и набљудува, се’ уште го „напипува“ теренот, а ако примети дека некој сериозно го загрозува, нема да се двоуми да биде Трамп, а можеби и Путин, со десничарите човек никогаш не знае на што е, дури и кога имаат така „забетонирана“ власт која, ако продолжат со вакво темпo, на следните локални избори ситуација може драстично да се промени на нивна штета.
А што се однесува до транспарентноста, место со кое го почнавме овој текст, би рекол и вака: самотијата која од секогаш ја чувствуваше, не е терет, туку благослов, лек. Разбираш дека си поинаков и поради тоа не треба да чувствуваш срам. Разбираш дека самотијата не значи повлекување или предавање, туку повик на борба. Ако тоа значи дека си сам против сите (?): тогаш сам против сите.
Да се живее во толпа значи да се биде мртов, ако ме разбирате што сакам да ви кажам.
Пишува: Ненад Јовановиќ
Текстот е личен став на Авторот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.