1. април 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

СДСМ алармира: Итно испитување на сите води од сливот на Крива Река

СДСМ денес предупреди на можни сериозни последици по здравјето на граѓаните, поради еколошката катастрофа што се случи во Крива Река, каде според независни анализи, водата е затруена со високи концентрации на цијанид, тешки метали и други опасни материи.

„Сѐ што се продава на пазарите во Скопје, Куманово, Велес, Паланка и другите градови се наводнува од реки како Вардар, Пчиња, Крива Река. Ако оваа вода е загадена, тогаш и храната што ја јадеме можеби е веќе во опасност,“ соопшти СДСМ.

Партијата бара итна реакција од институциите и предупредува дека последиците можат да бидат долгорочни и тешко поправливи – по земјоделските култури, сточниот фонд, подземните води и, најважно, по здравјето на граѓаните.

„Потребна е итна и целосна анализа на сите реки и водни текови поврзани со сливот на Крива Река – од Тораница, преку Пчиња, до Вардар. Сѐ додека не се утврди точната состојба, не можеме да бидеме сигурни дека храната која секојдневно ја консумираме е безбедна,“ велат од СДСМ.
Дополнително, СДСМ посочи дека институциите, особено Инспекторатот за животна средина, не реагирале како што налагаат законите. Наместо да преземат итни мерки и да ги информираат граѓаните, тие дале лажно уверување дека се излеала „само вода“, и тоа без да направат анализа.

„Да не беше реакцијата на општина Крива Паланка и градоначалникот Сашко Митовски, јавноста ќе останеше во заблуда. Благодарение на независните лабораториски анализи, знаеме дека водата е сериозно загадена. Но што ако е веќе предоцна?“

СДСМ истакна дека ова не е само локален проблем – туку прашање од национален интерес. Поради тоа, партијата бара итно испитување на водите во сливот на Крива Река, Пчиња и Вардар и кривична одговорност за сите кои ја прикривале вистината.