Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

СДСМ: Ниту еден актуелен командир од МВР не е опфатен со истрагата – тоа е селективна правда

Една недела по најтешката трагедија СДСМ обвинува на селективна правда поради што најавува кривични пријави доколку власта не постапи и побара одговорност на лицата за кои во моментов нема информации дека се дел од истражната постапка или се во притвор.

На денешната прес конференција организациониот секретар на СДСМ, Мартин Костовски кажа дека во првата фаза истрагата е завршена за 32 лица, меѓу кои не се ниту еден командир, инспектор и никој од раководството на БЈБ и МВР во ОВР Кочани и СВР Штип, кои знаеле и биле на функција кобната ноќ во Кочани.

Повикувајќи се на Законот за јавни собири тој укажува дека одговорноста за трагедијата ја има полицијата, а постапувањето по закон ќе спасело млади животи.

„Според информациите на овој настан имало 650 луѓе. Согласно законот, полицијата била должна да има оперативни сознанија за настанот и соодветно да го обезбеди овој настан дури и во случај ако тој не е пријавен од организаторот. МВР во Кочани тоа не го направиле. Ако МВР постапеле согласно законот, ќе имало обезбедено на Противпожарна бригада, Брза помош, соодветен број полициски службеници и сите пропратни безбедносни мерки за ваков тип настани, со што несреќата можела дури и да се превенира“, рече Костовски.

Оттука Костовски упатува последен повик до институциите да го следат законот и постапат по должноста. Тој вели дека селективната правда не е правда туку е токму она кое граѓаните сакаат да со спречат.

„Од снимките вечерта се гледа дека полицијата била присутна во објектот. Ова значи дека знаеле за настанот, но не го обезбедиле соодветно. Со ова се поставува прашањето, дали сите надлежни од МВР таа вечер сториле кривично дело со несторување односно непостапување? Дали се изземени од одговорност службеници, началници и командири кои вечерта биле на должност? Доколку истрагата во продолжение не ги опфати и нив, СДСМ со својот правен тим ќе поднесе соодветни кривични пријави“, рече Костовски.

Затоа тој вели дека СДСМ ќе продолжи да ги објавува сите детали и да ги поставува сите правно издржани прашања, кои укажуваат на сериозни пропусти за кривични одговорности за лица за кои во моментов треба да бидат, а не се дел од истражната постапка.