Соопштение на Левица:
Според најновите податоци, Македонија е втора во регионот по највисока инфлација од 4,9%, што значително ја надминува просечната инфлација во еврозоната (2,5%). Овој алармантен тренд покажува дека инфлацијата не е увезена, како што сакаат да се бранат владините претставници, туку е директен резултат на лошата структуираност на македонската економија, неолибералните политики и неспособноста на Владата да се справи со економската нестабилност и да ги заштити граѓаните од континуираниот пад на куповната моќ.
Додека соседни земји како Грција (2,7%), Словенија (2,0%) и Албанија (1,9%) имаат релативно стабилни цени, Македонија се соочува со инфлациска стапка која е двојно повисока од онаа на еврозоната. Ова покажува дека надворешните фактори не можат да бидат изговор, туку дека проблемот лежи во лошите административни решенија, катастрофалната кадровска политика, корупцијата, непотизмот и поразителните внатрешни економски политики.
Напливот на новоформирани лажни и измислени работни места во државната администрација со кои партиите им се оддолжуваат на своите партиски војници произведуваат нула новосоздадена вредност, а ја зголемува побарувачката за производи за широка потрошувачка, но и за недвижнини, сервиси и услуги, нарочито во главниот град каде цените се забележливо повисоки отколку во внатрешноста на републиката.
Владата не презема суштински мерки за контрола на инфлацијата и заштита на стандардот на граѓаните. Наместо да воведува регулирани маржи на основните прехранбени производи и да ја засили борбата против монополите, таа ги штити интересите на олигарсите и увозничките лоби групи, а граѓаните се оставени на милост и немилост на истите.
Македонија останува зависна од увозот на храна и енергенси, што ја прави ранлива на надворешни шокови. За разлика од земји како Србија (4,6%) и Бугарија (3,7%) кои имаат домашно производство што делумно ја амортизира инфлацијата, кај нас индустриското производство е во слободен пад. Тоа пред сѐ се должи на неповолната деловна околина, рудиментиран и застарен финансиски сектор и груба и сурова партизација на сите општествени текови. Накртко, државата, односно коалицијата на власт за некои е мајка, а за други маќеа!
Денес повеќе од секогаш е очигледна потребата од алтернативен економски модел!
Единствениот излез од овој кризен тренд е радикална промена во економската стратегија поради што Левица се залага за:
– Државна контрола, односно реално влијание врз стратешките сектори (енергија, храна, транспорт);
– Директна поддршка за домашното индустриско производство, земјоделие и сточарство;
– Регулација на трговските маржи за основните производи за широка потрошувачка;
– Оданочување на големите профити на корпорациите кои ги експлоатираат граѓаните;
– Праведна и рамноправна деловна околина каде што сите чинители би имале еднаков прстап до информации, финансии, инвестиции, но и владини и државни услуги.
Секторот Политичка економија при Левица, детално ги анализира овие трендови и активно предлага мерки за економска стабилност кои ќе ги заштитат работниците, пензионерите и сиромашните од економската експлоатација. Нашата борба е за економија во служба на народот, а не на профитерите. Владините политики ја втурнуваат Македонија во економска пропаст, оставајќи ги работниците и сиромашните да ги сносат последиците.
Време е за нов економски модел кој ќе ја стави државата во функција на граѓаните, а не на капиталот. Левица е подготвена да го предводи тој процес и да ја врати контролата врз економијата во рацете на народот.