Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски изврши увид во градежните работи во изградбата на новиот здравствен дом, каде во завршна фаза се повеќе градежни активности.
Со изградбата на здравствениот дом на граѓаните ќе им се овозможи широк спектар на здравствени услуги во местото на живеење, со што повеќе не ќе мораат да патуваат по дваесеттина километри за да ги задоволат своите здравствени потреби.
Како што изјави градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски здравствениот дом се гради по барање на жителите на Општина Илинден, која е со брзорастечки број на населението. Тој додаде дека на ова место се наоѓаше старата амбуланта изградена пред повеќе од половина век. Десетина години наназад едно од основните барања на граѓаните беше изградба на нов здравствен дом. Беше многу ветуван претходно, но не реализиран, па затоа на моја лична иницијатива како градоначалник се изработи нов проект и еве конечно се реализра. По завршување на изградбата Општината целосно ќе го предаде здравствениот дом на министерството за здравство.
Новиот здравствен дом зафаќа бруто површина од околу 600м2, се гради на два ката, два влеза (преден и заден влез), две чекални, два шалтера, четири тоалети и 14 ординации. Во надворешниот дел ќе се обезбеди паркинг простор како и партерно и хортикултурно уредување.
Општина Илинден и понатаму останува посветена на реализација на проектите, со цел подобрување и обезбедување квалитетни услови за живот на граѓаните.