Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

„ЖЕНА 360 СТЕПЕНИ – ИНСПИРАЦИЈА ВО СИТЕ УЛОГИ“

Во организација на Советот за женско претприемништво со поддршка на општина Битола и Комисијата за еднакви можности во Советот на општина Битола, во Утопиа-Бизнис клубот се одржа настанот на тема „Жена 360
степени- Инспирација во сите улоги”. На настанот присуствуваа голем број жени со докажан успех во бизнисот и претприемништвото, политиката, образованието итн.

Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, го поздрави одржувањето на ваков настан и во своето обраќање ја потенцираше важноста и истовремено поддршката за жените, во сите сегменти од општественото живеење.

„Со целиот свој труд и ангажираност, жената е вистински столб на семејството, но и на општеството. Таа е истовремено мајка, сопруга, професионалец, лидер, поддржувач и визионер, внесувајќи посебна движечка сила во сите области во кои е вклучена.Токму затоа, наша обврска како локална самоуправа е да дадеме поддршка и да создадеме услови, жената да може успешно да ги реализира своите потенцијали, во образованието, спортот, културата, претприемништвото.

Еден од нашите најважни проекти во оваа област кој го започнавме минатата година, преку Програмата за еднакви можности е токму формирањето на Советот за женско претприемништво, со кој дадовме поддршка на идејата женските бизнис искуства, да создаваат нови успешни приказни, преку обуки на жени кои сакаат да започнат бизнис. Верувам дека, во извештајот оваа година ќе добиеме добри показатели на успешност кои уште повеќе ќе ја зголемат и поттикнат нашата соработка, а секако ќе инспирираат и за реализација на нови активности.

Земајќи ја предвид и Стратегијата за еднакви можности на Општина Битола за периодот 2021-2026 година, формирањето на едно вакво тело даде несебична поддршка на жените претприемнички за вмрежување како и поврзување со институциите и граѓанските организации. Тоа ќе придонесе за вклучување на жените на раководни позиции, но и на клучни функции, со внимание на родовото буџетирање при градењето на политики на родова еднаквост.
Општина Битола, истовремено овозможува поддршка на иницијативи и проекти со кои се промовираат еднаквите можности, женскиот спорт, но и на активности кои имаат за цел да ги елиминираат сите форми на насилство преку поддршка на советодавниот центар против семејно и родово базирано насилство“, истакна градоначалникот Коњановски.