Поранешниот гувернер на централната банка Марк Карни победи во трката за лидер на канадската владејачка Либерална партија и ќе го наследи Џастин Трудо на премиерската функција, покажаа официјалните резултати објавени во текот на викендот.
Карни ќе ја преземе функцијата во турбулентно време за Канада, која е среде трговска војна со Соединетите Држави под претседателот Доналд Трамп и наскоро мора да одржи општи избори.
Карни (59) освои 86% од гласовите, победувајќи ја поранешната министерка за финансии Кристиа Фриланд во партиски натпревар во кој гласаа нешто помалку од 152.000 членови.
„Некој се обидува да ја ослабне нашата економија“, рече Карни, мислејќи на Трамп, што предизвика гласни негодувања од присутните на партискиот митинг. „Тој ги напаѓа канадските работници, семејства и бизниси. Не смееме да му дозволиме да го направи тоа“.
„Ова нема да биде бизнис како и обично“, додаде Карни. „Ќе мораме да правиме работи што не можевме да ги замислиме претходно, а со брзина што не мислевме дека е можно“.
Трудо во јануари објави дека заминува по повеќе од девет години на власт, бидејќи неговата популарност опадна, принудувајќи ги либералите брзо да одржат внатрепартиски избори за нов лидер.
„Не правете грешка, ова е момент кој ја одредува нацијата. Демократијата не е загарантирана. Слободата не е загарантирана. Дури ни Канада не е загарантирана“, рече Трудо на заминување.
Карни, кој никогаш претходно не бил избран на политичка функција, тврдеше дека тој е најдобриот кандидат да ја ревитализира партијата и да преговара со Трамп, кој се заканува со дополнителни царини кои би можеле да ја загрозат канадската економија зависна од извозот./Извор:Makfax