Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Костадинов од власта на ВМРО ДПМНЕ јавно побара одговор зошто се блокира реконструкцијата на патот Струмица – Дабиле во булеварско решение?

Градоначалникот Костадин Костадинов од негово лично име и од името на граѓаните на општина Струмица, денеска од претставниците на власта на ВМРО ДПМНЕ, јавно побара одговор зошто се блокира реконструкцијата на патот Струмица – Дабиле во булеварско решение?

-Ова е многу голем проблем за нас струмичани, но и оние кои патуваат до Бугарија, Ново Село, Берово, за индустриската зона во којашто егзистираат триесетина компании. Овој проект за којшто ние сме сакале да покажеме партнерски однос кон државата и сме потпишале Спогодба, е блокиран поради неспособност или поради водење инает со цела Струмица. Оваа Спогодба општина Струмица ја има потпишано со Јавното претпријатие за државни патишта кое е под ингеренции на Министерството за транспорт и врски. Министерот за транспорт и врски беше носител на листа во 4 ИЕ и ветуваше што ли не, а од Спогодбата јасно се гледа во однос на обврските преземени од ЈП за државни патишта и од Министерството за транспорт и врски дека целосно ќе ги реши сите имотно – правни односи за потребното земјиште. Зошто ова го потенцирам. Затоа што од моментот од кога е потпишана Спогодбата, експропријацијата не е решена, а со тоа ниту нашиот изведувач на општина Струмица, ниту изведувачот на ЈПДП, ниту ЕВН кој што треба да направи дислокација на одредени столбови не можат да работат заради незавршени имотно – правни односи. Кој и зошто ја блокира општина Струмица?

И јас и граѓаните заслужуваме одговор. Потенцирам, овде има 30 компании коишто гледаат фамилии и даваат плати со чесно заработени пари, овде поминуваат болнички возила и граѓани коишто секојдневно имаат најразлични потреби, станува збор за една од најфреквентните делници во Македонија, ова повеќе нема да го толерираме и заслужуваме одговор и мора сите да се фатиме за работа наместо како делегации да трошиме по 200 илјади евра во еден правец, изјави градоначалникот Костадинов на патот Струмица – Дабиле.