Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

Кутра и фрустрирана империја, не може да разбере кој е џелат, а кој е жртва

Разочаран сум од оваа земја. Од сите и од секој, а од себе можеби најмногу. Затоа што за тоа што се залагав и афирмирав, пропадна. Во некоја смисла, пропаднав и јас самиот. Ако, не е штета. Нека. 

Не знам што да кажам за глобалната политика, иако се убедувам себе дека знам. Единствено што знам е тоа кој е жртва, а кој е џелат. До толку да разликувам можам. И не прифаќам „пријателско“ опкружување од типот: политиката е бизнис, не се оптеретувај. Такво нешто не сум прифатил, такво нешто во  политиката никогаш нема да го прифатам. Добро, тоа значи губење на гласови (?), аха, значи и знам, ако и нека. Не сум играл за публика, играм и бранам жртви и малцинства. Само несој може да биде за брутални мнозинства, ама мама не изгледа несој и битанга. 

Знам и уште нешто: еден национализам раѓа друг. Јас не сум националиста, роден сум од мајка македонка и татко србин. Играв кошарка низ цела земја, играв кошарка и кај срби и кај хрвати и кај македонци. Моето детство и мојата афирмативна младост помина во широчина од луѓе, места и градови. Се конкуриравме благородно и фер-плеј еден со друг, немаше брутална конкуренција до уништување. Тоа не е мојот свет, таквиот брутален свет никогаш нема да биде мојот свет. 

Кога љубевме, не љубевме со помош на софтвер, љубевме во живо, на отворено и пред сите. Кога другарувавме, другарувавме и дававме за сите се’ што имавме. Немавме многу, ама дававме. Кога некој беше тепан или малтретиран, го браневме. Не прашувавме за цена. 

Бадју не’ учи: „една од процедурите на вистината – еден од неколкуте начини да се изгради подобар свет во поредокот кој се гради од лаги, е да се изрази нешто вистинито и автентично. 

Дали сум шокиран од „лидерот на слободниот свет“ со име Доналд Трамп? Има некој што не е? Америка, поточно Џеј Ди Венс и Доналд Трамп врескаа на претседателот што Русија му изврши инвазија, низа од геноциди, убиства, заземање на дваесет проценти од туѓа територија. Му врескаа во фаца пред целиот свет затоа што Зеленски не рече доволно пати „благодарам, фала, благодарам, фала, благодарам, фала, благодарам…“. А оној другиот дел, од 500 милијарди долари од ретки минерали Американците ќе ги земат за себе? Па, добро, колку треба да си пореметен тоа да го направиш? 

Од друга страна, eден од безбројните именувани функционери на Европската унија вели дека на Америка и’ треба нов лидер за „слободниот свет“? Апсолутно не се сложувам. Тамо кајшто има слобода, нема потреба од лидер. Дополнително, тамо кајшто се шверцерите, измамниците, насилниците, хомофобите, ксенофобите, тамо е и’ Доналд Трамп. Тоа ли е „слободниот свет“? Така ли изгледа (?); и така ли зборува „слободниот свет“? Па, така не зборува никој во било која македонска третолигашка биртија, а камо ли претседател на Америка. 

Америка е една од најголемите империи кои светот ги видел – и секако најмоќната воена сила; дали Америка со Доналд Трамп ќе биде благородниот џин преполн со нуклеарен арсенал? Со Трамп нема да биде ништо добро ниту за Америка, а богами ни за светoт. Тоа го знаат сите со два грама памет. 

Како Трамп ја опишува империјата? Еве како, цитирам: „Со децении, ние ги богатиме странските индустрии на сметка на американските индустрии; ги субвенциониравме војските на туѓи земји, додека тажно ја намалувавме нашата војска. Потрошивме милијарди долари на други земји, додека нашата инфраструктура пропаѓаше. Другите земји ги богатевме, додека богатството на нашата земја и сила исчезнуваше. Фабриките се затварани една по една, без да се помисли за милиони работници кои остануваа без работа. Богатството на нашата средна класа е украдено, а потоа е прераспределено кон остатокот на светот“.

Сега баба ми покојна да го слушне, ќе рече: добра е Америка, ама е загреота, лоша за себе, а добра за сите други. 

„Сирота“ империја, станала крава „музара“, кој ја грабна, ја искористува; сирота империја изгубена во Соросовата „глобализација“, па сега Трамп ќе ја спасува. Ку-ку, колку тажно. 

Ајде да зборуваме малку со јазикот на „парезија“.

Ниту Америка е жртва на глобализацијата, ниту е останата со катастрофални ресурси; другите се жртви на нејзината глобализација; ниту Америка финансирала и ги бранела другите (освен што ја бранела својата доминација за свој интерес), ниту Америка потрошила милијарди во други држави (а тамо кајшто потрошила и се вратило многу кратно), а ниту е жртва на трговските маржи и даноци кои ги потпишала, а Трамп денес има намера да и’ ги раскине сите договори кои до сега Америка ги потпиша (и сите договори се направени во нејзина корист).

Денес Трамп работи против Америка, затоа што планира се’ што е во нејзина корист да го раскине, а Путин го користи како вреќа за боксирање кон Европа, обидувајќи се да ги присили европјаните да му се откачат од вратот со Украина (што е уште по погубно за Америка). Америка ги испумпува сите пари од целиот свет кон себе, само за да живеат накурчените и бесни бели Трампови гласачи во изобилие и фрустрација. Тоа ви е целата вистина, драги мои. 

Денес Америка е Минотаур, така ја нарече Јанис Варуфакис: „Америка е глобален Минотаур“, па уште рече, „делува како глобална правосмукалка која вовлекува туѓа роба и капитал. А таквиот ангажман направи најголема нераспределба на парите и ресурсите во целиот свет. Се’ е насочено во Њујорк, целиот капитал и сите ресурси се тамо. Тој мегаполис еден ден ќе се распрсне на парчиња“, вели Варуфакис. 

Стив Бенон, идеологот на Tрамп од „трета лига“, за медиумите кои го критикуваат неговиот газда вели: треба да замолкнат – оти, доста е, бре! – кои се тие да ни поставуваат непријатни прашања?

Сите ние овде се родивме и живееме да му аплаудираме на тој американски створ, да му клечиме на колена и’ да ја бараме неговата милост. Во спротивно, има да го осетиме бесот на Минотаурот.

Тука стигнуваме до прашањето што ќе направи Европа: за разлика од Америка, која е веќе империја, и тоа империја која, како што феноменално примети Оскар Вајлд: „Америка е единствена по тоа што пред да влезе во фаза на цивилизација влезе во фаза на декаденција“. За разлика од Европа, која не само што ја измисли Америка, туку самата Европа денес е цивилизација која почива на вредности, идеи и идеали, ма што и кој за Европа да мисли. 

Европа е свет, Америка е машина за пари. Секој иоле пристоен и елементарно чесен тоа ќе ви го каже.

Отако Трамп стана претседател на Америка, јас сум фракнкофил, британофил, украинофил, еврофил. Нека Америка го смени Трамп, а ќе го смени за многу побрзо од мандат на четири години – слушајте ми го зборот! – може да преговараме за да се вратам на американофилство. 

До тогаш, An artist has no home in Europe except in Paris. – (Ниче, не македонскиот)

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.