Генералниот секретар на НАТО Марк Руте најави дека членките на алијансата ги зголемуваат инвестициите во одбраната и подготвуваат дополнителна финансиска помош за Украина. Неговите изјави уследија по телефонскиот разговор со американскиот претседател Доналд Трамп на 27 февруари.
„Одличен разговор со Доналд Трамп. САД и НАТО стануваат посилни. Сојузниците на НАТО забрзано ги зголемуваат инвестициите во одбраната. Најавени се големи зголемувања, а следуваат уште повеќе“, напиша Руте во објавата на социјалната мрежа Икс.
Тој исто така нагласи дека НАТО продолжува да дава поддршка за Украина, додавајќи дека „Сојузниците подготвуваат милијарди долари дополнителна помош и придонеси за безбедносните гаранции за Украина“.
Изјавите на Руте укажуваат на координирани напори на членките на НАТО за зајакнување на колективната одбрана и одржување на воената помош за Украина додека трае војната со Русија.
Руте претходно изјави дека Европа е подготвена да преземе водечка улога во обезбедувањето безбедносни гаранции за Украина. Неговата објава на социјалната мрежа Х на 17 февруари уследи по самитот во Париз, чиј домаќин беше францускиот претседател Емануел Макрон, каде што европските лидери се собраа пред претстојните американско-руски разговори за ставање крај на војната.
„Европа е подготвена и сака да ги засили напорите. Да води во обезбедувањето безбедносни гаранции за Украина. Подготвени сме да инвестираме многу повеќе во нашата безбедност. Деталите сè уште треба да се дефинираат, но посветеноста е јасна“, додаде Руте./Извор:Makfax
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...