23. февруари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Полскиот претседател и Трамп се сретнаа, Белата куќа: Трамп ја пофали Варшава

Присуството на САД во Полска и Централна Европа треба да се зајакне, му порача полскиот претседател Анджеј Дуда на американскиот претседател Доналд Трамп за време на нивната кратка средба во Вашингтон. „Реков дека безбедноста на Полска и Централна Европа треба да се зајакне, но тој рече дека како еден од најсигурните сојузници не треба да бидам загрижен“, потврди Дуда.

Тој одби да коментира дали разговарал за неодамнешната жестока размена меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, додавајќи дека неговиот впечаток е дека американскиот претседател е заинтересиран „да ја направи Украина посилна, вклучително и преку економските врски“.

Трамп во средата го осуди Зеленски како „диктатор“ и предупреди дека украинскиот претседател мора брзо да дејствува за да обезбеди мир со Русија, која ја нападна Украина пред речиси три години, или ризикува да ја загуби својата земја.

Промената на тонот на Соединетите држави, најважниот поддржувач на Украина, ги вознемири европските претставници и ги поттикна стравувањата дека Киев би можел да биде принуден на мировен договор што го фаворизира рускиот претседател Владимир Путин.

„Трамп го потврди блискиот сојуз меѓу САД и Полска и ја пофали посветеноста на Варшава за зголемување на трошоците за одбрана“, се вели во соопштението на Белата куќа по средбата./Извор:Makfax