22. февруари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

Woke култура e граѓанска храброст, или зошто десничар не може да биде Woke

Woke култура e граѓанска храброст, или зошто десничар не може да биде Woke

Зборот Woke e стар неколку децении, а се преведува како „буден“ или „(о)свес(т)ен“. Што значи не е од вчера и феноменот уште означува дека се работи за нееднаквост, дискриминација или општествена неправда. А во поново време, се поврзува и со афроамериканската заедница, a уште се поврзува и со длабокиот расизам во САД кој поприма гротескни размери откако Трамп – по втор пат – го презеде престолот. 

Овој термин Woke исто така е насочен против структурните опресивни органи задолжени за репресија; а јазикот исто така е сретство со кое се поткопуваат овие неправди и нееднаквости во општествата. Или што би рекол Карл Краус: „се’ не спојува освен заедничкиот јазик“. На овие конфабулации со јазикот, пак, најчесто се лепат десничарите кои најлесно ги заменуваат тезите за да прават спинови, создаваат дезинформации и шират лаги. 

На пример: десничарите земаат една личност (Камала Харис, Џорџ Сорос, „Ненад Јовановиќ“…), па на нив ги лепат сите замисливи и незамисливи колективни лудила од десниот спектар, а насилството всушност не го гледаат како дел од ситемска патологија, туку го персонализираат во една „тотем-личност“ која е тука да ги труе „традиционалните вредности“ на семејството, општеството, државата, поредокот, you name it! 

Попатно, десницата, освестените „Woke“ групации уште и ги нарекува „некои чувствителни луѓе кон само тие гледаат насилство“ (неверојатна монструзност и бесчувствителност на десничарите!); поточно, преголема чувствителност на општествените неправди, расизмот, сексизмот, хомофобијата, трансфобијата и други форми на дискриминација… Оттука, десничарите либералите и левичарите ги нарекуваат некои чувствителни луѓе.  

Терминот Woke доаѓа од афроамериканскиот сленг и првобитно се однесува на свеста кон расизмот, а се шири откако се буди секоја врста на социјална нееднаквост и дискриминација. Поимот масовно заживеа со појава на движењето „Black Lives Matter“, а главната парола гласеше „Останете будни“ (Stay Woke). 

Во теориска смисла, барем ќе понудам една од многуте, Woke култура најчесто се врзува за прогресивната левица која се разликува од старомодната и класично-марксистичка левица, која во основа не е материјалистичка и работничка, туку повеќе се занимава со родни теории, родни идентитети и трансродни пракси, а не се занимава толку со својата традиционална целна група – работничката класа.

Woke културата цели на сите општествени малцинства кои во историјата на човечкиот род биле подложни на некоја врста опресија/репресија.

Што погорните идеолошко-вредносни судови претставуваат за нас, или поточно – како може да ги имплементираме во оваа наша, македонска реалност? 

Може ли десничар да биде Woke?

Се разбира дека не може. 

Зошто некој денес се нарекува „десничар“ или „(нео)конзервативец“? Зошто екстремисти и фундаменталисти денес се нарекуваат „демохристијани“? Дали мнозинството граѓани има нешто против соседите? Ви тврдам дека нема. Дали мнозинството граѓани има против жените – ви тврдам дека нема. Дали мнозинството граѓани има против „педерите“ и „лезбејките“ – ви тврдам дека нема. А и кога би имал, правата на ЛГБТ заедницата е загарантирана со Устав. 

Дури и кога 99% од граѓанството би било против ЛГБТ заедницата, Уставот на државата им ги дозволува сите права на светот. Нема тука што „народот да сака“ или „народот да не’ сака“. 

Урбано и рурално

Да понудам уште еден пример. Го знаете, верувам, оној кафански и речиси секојдневен разговор: „ние сме градски луѓе“, па се продолжува за да се засили „аргументацијата“ со: „многу селанија се насобра“. Е, тука, работите стануваат малку возбудливи и комплицирани, а се плашам дека тие што за себе сметаат дека се градски, се најобични следбеници на злосторничката идеологија. 

Да се биде урбан, значи да се биде против војна, национализам, злосторство и да се биде против сите деривати на проектот на крајната десница (која црпи сила од идеологемите на фашизмот) генерално. Да се биде урбан значи да се биде и cool. Да се биде урбан значи да се деконструираат злосторничките режими на опресија и насилство, како што беше режимот на Груевски, а богами како што беше и режимот на Слободан Милошевиќ.

Да се биде урбан значи дека вие сте ги поразиле концептите на руралното, затоа што концептите на рурално се концепти на национализмот, проникнат од аграрните култови на „традицијата“. 

Национализмот исто така е мастер-проект во кој супер-куул типови со fancy очила ги претвора во убијци. Подеднакво тоа го прави и со интелектуалците, уметниците, работниците и селаните. 

Што имаме како надворешна политика во земјава? Имаме комит’лак, десничарска идеологија, баш како што имаме Woke идеологија; вредносните идеи се земаат од различни регистри. На пример, кога Мицкоски вели: „Македонија направи премногу отстапки и е жртва“, тоа значи дека во комит’лак идеологијата вие емитирате small dick energy. Или кога ќе се рече ова: „Ние сме мали, ама ќе се бориме, можеби ќе изгубиме ама ќе дадеме се’ од себе“, десничарите ја пуштаат тезата: „мали сме, ама техничари“. 

Мицкоски има 2/3 во Собрание затоа што работи на идеологијата наречена small dick energy. Жалам, драги пријатели, сограѓани и сонародници, на small dick energy не се прави држава, а уште помалку Европска. 

Македонштината, од друга страна, е big dick energy. Или во превод: креираме „мали сме, ама заебани“ идеологија. Затоа македонштината секогаш имала алфа-мажи. Или вака да кажам: наредба, закана и афирмација се искази на big dick energy. 

А small dick energy зборува низ негација и релативизација, затоа обично победува антиплураниот и националистички концепт. Алфа-мажето наредува, а бета-мажето се повинува, мјаука и се себеоплакува. 

Добро, шега на страна (во шегата најчесто лежи вистината!), да привршуваме.

Што е потребно за злото да победи? Добрите луѓе да не’ прават ништо за да го запрат злото. Луѓето кои се толку „добри“ и „фини“, само за некому да не’ погрешат, нема да го наречат со право име монструмот; а оние кои се за компромис и помирување со злото, од нивната „умереност“ злото ја црпи својата екстремна сила. 

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.