На работ на разумот
Прастари тактики на ВМРО-ДПМНЕ, притоа прилично се свесни (или барем свесни се нивните врхушки) дека ова е недзореана/неузреана држава, како што е недозреано/неузреано гласачкото тело, без разлика на ентитетите кои го сочинуваат таканаречениот „народ“, што дополнително таква дополнителна состојба го сочинува јавниот дискурс, како и’ темите кои тамо се обработуваат, комплексите и поимите кои во основа се табуa и стереотипизации, нешто кое е невозможно да се тумачи и аргументира на некој релативно разумен начин.
Во најдобар случај дозволени се извесни стилско-реторички модернизации на затекнатиот образец, ама само ако не ја нарушуваат „суштината“, поточно, ако не придонесуваат во јавниот говор нешто „ново“, или не дај Боже „субверзивно“ во веќе постоечкиот наратив.
Што ти, црни Ненаде, повторно ли ќе ни филозофираш? Пак, ли, само ти овде се најде најпаметен? Скраја било, најточна дефиниција е само тоа дека јас овде се најдов, не по моја вина, а вие видете што со тоа ќе правите. Како и обично, јас продолжувам на „харитиском задатку“ да ги опишувам лудилата и заблудите на властодршците, а вие останатите „берите кожу на шиљак“ или „држ те дупе уза зид“.
Кога го слушате Мицкоски, та во Минхен, та во Вашингтон, та било каде, тоа е таканаречениот „патриотски дискурс“, оној што е опасно зациментиран, тоа е единствениот „трационален кошер“, а таа прехрана се нарекува самооплакување, изигрување на жртва, кукање над нашите неправди (продолжете ја низата). Не се работи за името, не се работи ниту за Преспанскиот договор, не се работи ниту за нашето влегување во НАТО (затоа што ВМРО како партија во ниеден важен процес не учествуваше за граѓаните и државата), се работи единствено за нивниот „комплекс на инфериорност од отварање на земјата“ (Љ. Д. Фрчкоски), а земјата не се обликува во митот, ниту се обликува според желбите и соништата на занесените национал-романтичарски лажни поети и слепи „гуслари“ (читај, оние кои свират на гусла).
Така „вмроовското“ оплакување и самооплакување стана една врста на „хегемон“ на кој политичките структури егзистираат во политиката; и проблемот настанува кога вакво маѓионичарско мислење ќе почне да биде општоприфатено, како што ќе биде прифатено однесувањето на луѓето внатре во зададените политички координати.
Поточно речено: значаен дел од политичките, црковните, академкските и медиумските „елити“ ќе ги прифатат овие „комплекски на инферирност“ и од тоа создаваат прво нарација, а потоа и’ државна политика.
И ден по ден, час по час, година по година, од „промената на името“, глупавите „билатеризации“ со соседите, власта создава митолошки претпоставки дека нас светот не не’ сака, што во основа значи затварање на земјата, статус-кво ситуација на раскапување и дополнителна дезинтеграција пред се’ во македонските јадра, а потоа и во сите останати.
Tака денeшната власт ја разбира политиката. Поточно, политичари така бедно и шири најглупав популизам, наместо да се фати сериозно со решавање на конкретни и актуелни реал-политички проблеми.
А она што претставува нешто сосема друго, современо, „прогресивно“, за тоа не сум до крај сигурен дали и како постои. Таквата несразмерност измеѓу проекциите и реалноста напросто зачудува и плаши. А тоа што плаши е недостатокот од (само)критичност на умот што би требало да поседува една форма на преиспитување на се’, aма се плашам дека овој наратив од самокукање и самооплакување, тој митски образец, тоа не го дозволува, затоа што се мисли дека тој е „стамен“, тврд, статичен, исправен и непроменлив.
Па така, во продолжение, ги следиме митските патувања на премиерот Мицкоски и неговите партиски следбеници, кајшто воодушевено го слушаат и гледаат како повторува дозлабога достадни мантри, наместо да го следи Францускиот договор и ги вметне фамозните малцински Бугари во преамбулата на Уставот, па да видиме што понатаму ќе се случи.
Ама тој тоа свесно не го прави, не затоа што не знае што се случува, туку затоа што е „поводџија“ и не сака да оди под линијата на она кое на својата партија би и нанело штета. Не сака да оди под наративот на она што просечниот гласач би можел да издржи.
А наративите се многу едноставни: ние сме биле оштетени, нам ни била направена неправда, ние ќе ги внесеме Бугарите кога Европа ќе ни дадела гаранција, та дрн, та sврц! И тоа е сета надворешна, а богами и внатрешна политика.
Што се однесува до внатрешната политика, тука работите благо речено се очајни. Се сиромаши по сите основи, а најтешка е онаа егзистенционалната: храната, струјата, катастрофалното здравство… Една општа и нехуманизирана состојба во општеството. Меѓучовечките околности се во катастрофална состојба. Јас не сум видел толку луѓе со „крв на очи“ на толку мал простор.
Се’ во оваа земја е „на прва“ и в сурат! А тоа, ќе признаете, тешко може да се нарече нормален, пристоен и цивилизиран живот. Оти, нели, ние не треба да се занимаваме за стандардот на луѓето кои го полнат буџетот затоа што во оваа земја не е се’ уште решено „националното прашање“ (?), па додека ги слушаш некои делови на Академијата на науките и уметностите кајшто лупетаат за некаков геноцид на македонците, нормален човек не знае што по ѓаволите да си рече на себе.
Има ли поголем геноцид од тоа земјата да ти остане во физичка смисла вечна, а луѓето да ти се отселат затоа што ти како власт за нив не даваш пет пари?
Ако мисли на тоа добро познатиот академик, во ред, ама од неговите читања и испишани текстови, се добива впечаток дека реалноста таквиот ја доживува како метафизика, а не земја во која страдаат реални и конкретни луѓе по сите основи.
Ваква бахатост, некомпетенција, вработувања по фамилијарна основа (браќа, сестри, братучеди…) може само да се најде во книгата на Крлежа со работен наслов, „На работ на размумот“ и никаде на друго место. Оној што ја читал, ќе знае за што зборувам. Оној што не ја читал, ниту со „инка“ не може да му се помогне.
Македонскиот комплекс на инфериорност се наоѓа во главите на членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа денес е доминантната Македонија. Тоа, за жал, е цврста градба од 2/3 во Републичкото Собрание; тоа е еден цел спектар од референци и канони кои мора да ги следат нивните партиски фиќфириќи кои ја кројат судбината на сите нас.
Тоа што ние сме денес надвор од сите граници на разумот, тоа не менува ништо важно и битно, затоа што тука најмалку се „работи за луѓето“, ами отсекогаш се работело за нивните кариери, пари и лични егзистенции.
Пишува: Ненад Јовановиќ
Текстот е личен став на Авторот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.