Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека премиерот на Косово Албин Курти, секогаш има наполнета пушка и сака да пука во Србите и дека светот сега се повеќе го разбира тоа.
„Курти цело време има наполнета пушка и сака да пука во Србите, што и го направи. И сега поголемиот дел од светот го разбира тоа. Проблемот е што добар дел од западниот свет му гледа низ прсти, тој е нивно дете.
Што и да направи, ќе го лулаат“, рече Вучиќ на РТС на прашањето како ја гледа пораката на Курти дека „ако имаш лош сосед, (мислејќи на Србија), мора да имаш висок морал и наполнета пушка“.
Тој оцени дека поради ова Курти може да има само сериозни проблеми со новата американска администрација, која може да биде надеж за Србија и за прашањето за Косово, но и за прашањето на Република Српска.
„Зошто? Затоа што таа нова американска администрација не му припаѓаше ниту на Бил Клинтон, ниту на Џорџ Буш. Без разлика што некои се демократи, а други републиканци, тие не го живеат животот од 90-тите. И тоа може да биде нашата надеж и за зачувување на Република Српска“, рече Вучиќ.
Тој изјави и дека е многу загрижен за постапката против претседателот на Република Српска, Милорад Додик.
„Ако мислат дека треба да донесат пресуда до крајот на февруари, можете да замислите што не чека во март потоа“, рече Вучиќ и изрази надеж дека сите ќе можеат добро да размислат, да се зачуваат мирот и стабилноста, особено внатрешната стабилност на земјата, пренесува Танјуг./Извор:Makfax