Искрен да бидам (зошто повторно инсистираш на искреност, црни Ненаде, ајде да се лажеме, ем е поубаво ем помалку боли?), погледнувам на „едно око“ што зборуваат нашите „леви“ & „прогресивни“ мислители по општа пракса, признавам, забавни ми се, а богами ги наслушнувам и оние „десни“ (тие самооплакувачки наџак баби!) – ги слушам и оние „централните“ – тие, пак, одат право во иднината!
Имено, ги гледам нашите „јавни личности“ и „јавни дебатери“, мислам, слушај – „ги гледам“? – не ги гледам, ги наслушнувам додека можам – некои цели три минути, а потоа откако ќе ги слушнам, нешто во мене се случува.
О, ти, Ненаде, препотентен беднику, знаеме сите дека си саможивник, ама до олку не знаевме.
Некои други би рекле: знаеме, бре, од секогаш си бил надуенко, ама сега е јасно се’? Што е јасно, ќе замолам пристојно!?
Вие ги имате вашите партии, вашите роднини, вашите синекури, вашите јадра, вашите медиуми. Јас сум сам, без никој свој. А и тие што се „мои“ ме гледаат низ идеолошка призма: чиј си ти сине? Никој моќен не ме размазил, не ми купил диплома, не ми дал автомобил и куќа, не ми дал бизнис… Таквите како мене никогаш немале неконтролирана амбиција, дури, немале никаква амбиција. Бев верник, ги бранев другите од други, ги бранев од нив самите само затоа што верував дека нов и подобар свет е можен.
Тие другите во кафани ме нарекува „ебиветар“, „ништо не направи“, „не се офајди“… Таквите ми велеа: „сите велат гол, само ти излегуваш и велиш не е гол“… Јас бев сам, а против себе имав градови. Цели градови на свој грб, сам, без никој свој.
Примери од вакви медиумски (& кафански) контрадикции има уште: не знам за вас, ама јас добивам стомачни тегоби од толкава медиумска хиперинфлација, раскокано пациентско блебетање, а за да не го разберете тоа, мора да имате завршено формално-правно факултет, по можност да бидете магистер или доктор (по било што!), за во конечноста да разберете за што овде станува збор. И кога ќе ги имате овие „квалификации“, вие може да бидете на медиуми, и до бескрај да ломотите за работи за кои немате појма.
И не ги обвинував таквите кои ме напаѓаа посредно и непосредно. Не беа виновни што се такви. Ничија генетика не е толку лоша. Знаев, тие се препарирани. Беа експонати. Јас им влегував на сите, било телевизиски, било на текстови. Имаше и такви кои сакаа да ме протераат, да ме нема. Имаше и такви кои сакаа да ме убијат. Дај ми ја твојата листа на непријатели, јас ќе ти кажам што човек си.
Или уште поопасно: дај ми твојата листа на книги, јас ќе ти кажам што ти е мило & драго.
Кога претенциозно би почнале да веруваме дека во оваа земја има некаков Систем, во оваа наша дво-третинска постизборна лудница, човек би помислил дека се работи за некоја фамозна теорија на заговор. Додека зборовите-како-такви, а јазикот како сретство за нормално и логично разговарање со луѓето, успева да ја уништи секоја смисла, а тоа најдобро – и без „оставање на трагови“, може да направи карикирање на медиумските слободи, односно – глупаво и „егалитаристички“ во пристапот на јавните зборови.
Ментално здрав и чувствителен организам веднаш реагира со силна идиосинкразија, па дури и преку границите на физиолошките тегоби. Верувам дека докторот Филипче ќе ме разбере за што зборувам во овие мои кратки и „медицински координати“.
На ова, Филипче би можел да ме праша: од каде ваква непријатна (нус)појава која има дигестивен карактер? Од лошиот рецепт: сите слободи на говор се сосема во ред, ама „дозирањето“ малку повеќе е несразмерно и, што би се рекло – „одокативно“. А ниту апотекарот не би знаел што воопшто да понуди.
Како логична последица на се’ ова, полека расте отпор на многу „јавни личности“ (не ги сметам оние егзибиционисти кои и на сопствениот погреб би си го мереле „медиумскиот ефект“) да прифатат да се изложат на радијација на една „контактна програма“: и веднаш сакаат да налепат „демократска свест“ кај „народот“, како и да бараат воодушевување кај „дежурните морони“ кои најчесто се релативно млади, па уште и живеат со татенце и мамичка, па уште и ни кажуваат што е животот, власта, опозицијата, протестот, бунтот, критичката мисла…
И кога човек го гледа младиот генерален секретар на СДСМ, мислам, гледаш дека само е млад, а звучи така старо, нешто како „општински кретен“ само на многу поголема територија и со поголеми партиски овластувања.
И уште нема право да се жали на овие мои зборови, бидејќи би морал да знае каде се впушта и во што влегува пред да ја прифати доделената улога.
А сега, допуштете ми сладок триумфализам: во оваа денешна гробна медиумска атмосфера, која се заканува да ја уништи секоја веродостојност на медиумите, и го девалвира и’ обесмисли поимот на отворена јавност, пишував неколку пати, уште пред девет-десет години, кога „сите“, во сивилото од електронските и телевизиските груевистички медиуми со „национална концесија“, „народната“ волја им требаше како леб насушен… Тоа ми беше разбирливо, затоа што во строго контролираниот јавен простор, „пациенти“ можеа и смееја да бидат само тие пред камери, што значи само „Уважените гости“, кхм, со „специфичен ментален профил“ (кои, пази богати – „водеа држава“), додека гледачите можеа само да молчат и да се воодушевуваат.
Денес, целата оваа приказна, покрај сеопшта „демократизација“, почна да се излива во сите правци – како отчепена канализација – така што напросто и нема медиум што остана имун на оваа врста на контаминација. Пациенти со звучни функции има на секој чекор, како што има и „граѓани“, па едните и другите се обидуваат политички да преживеат. Не само да преживеат, ами и јавно да кажат Ништо за се’ што ќе посакаат.
Не сум престрог према тоа: такво нешто не може да се избегне, свесен сум дека тоа е фаза од неартикулирано издувување на слободата која мора да се „прележи“, како да имате сипаници, пу, пу, скраја било.
Ако само ова погоре е мој проблем, тогаш за џабе ги испишувам овие зборови и беспотребно трошам медиумски простор. Ама се плашам, меѓутоа, дека ваква состојба на работите е сепак последица од една вредносна конфузија, која оди се’ до неразбирањето за базичните принципи на современата граѓанска демократија, а потоа, сосема логично, и улогата на медиумите.
Апсолутно нивелирање на идеи и вредности, па се’ до некаква замислена, заедничка и кратка зеро-точка, претставува утопија без многу смисла. Либералните и фашистичките идеи, на пример, не може да имаат ист третман во медиумите; тамо кајшто ваквите идеи имаат ист третман, тамо „фашистичките“ вредности доминираат, затоа што лудилото секогаш е многу „посексипилно“, а тоа генералниот секретар на СДСМ мора да го знае („Фасцинантен фашизам“, како што вели Сузан Зонтаг); фашистичките идеи секогаш се многу попривлечни од осуетената просечност во потрага за некоја манијакална идеја на „големина“.
Дали на некому треба да се откине глава или е од друга вера, навистина не е тема за возбудлив и неизвесен телевизиски/подкаст панел. Во таква ситуација треба да работи полиција и Јавен Обвинител, бато! Тамо кајшто такво нешто не се разбира, ништо не се разбира.
Оттука, секој оној што се впушта – било како „јавна личност“ или како висок партиски функционер во „демократски расправи“ – без да разбере дека постојат луѓе кои се оштетени, сиромашни, тешко живеат и не можат да врзат крај-со-крај, па дури и постојат луѓе кои се под стравичен остракизам од своето „минато“ политичко делување, тука мора да се реагира бурно и’ да се адресира јасно проблемот. Дебата во медиум не е „пижама парти“.
Што е тоа „политички остракизам“? Тоа значи да бидеш изопштен и изолиран. Да живееш мимо градот, без можност во него да просперираш, да бидеш важен и да се, на некој начин, ситуираш и вкорениш. Кога тоа ќе ти го направат, потоа те нарекуваат педер и копиле. Може ли тоа воопшто да го појми во своето главче младиот ген. сек. на СДСМ?
На дебата ја вадиш сета страст, сета љубов и сета болка што ја гледаш и чувствуваш, под препоставка дека нешто гледаш и чувствуваш. И никој не бара од „левичарот“ и „прогресивецот“ да биде јунак, револуционер или game changer, скраја било. Базична артикулација за другите луѓе е важна, бидејќи тоа што тие функционери кои си работат во својата партија, тоа никого, по ѓаволите, не интересира. Како што никого повеќе не интересира (ако некогаш и било кого го интересирало?) што се работи во тоа компромитирано и контаминирано Републичко Собрание.
Животот на вистинските луѓе е надвор од партиските задушливи простории. Животот е меѓу обичните и секојдневни луѓе, а тамо состојбата најблаго речено е – катастрофална: на маргините и рабовите сообраќајки, тепачки, убиства на мажи кои бодат со ножеви жени, жени кои бодат со ножеви мажи (овде не ставам равенство меѓу мажите и жените, се разбира дека патријархатот ја уништува жената!)…
Сите ние го живееме филмот на Дилан Дог. Недостига уште Гручо Маркс за сликата да биде комплетна.
Пишува: Ненад Јовановиќ
Текстот е личен став на Авторот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.