28. февруари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

Публиката нема време да се сеќава

Сешто мојата маленкост се изнагледа во овие неколку дена, па така „нагледан“, ред е, малку да го прокоментирам македонското измамништво и расипаност од еден поинаков агол. Дури, да ви бидам искрен, пронаоѓам извесно задоволство или можеби сум се претворил во садомазохист? И секогаш сум се трудел да не се поставувам „над ситуацијата“, а уште помалку да изигрувам жртва, или скраја било – да изигрувам праведник.

Во една рамна линија сите подеднакво се расипани. Работата, притоа, не е до поединечната расипаност, туку во внатрешниот систем што продуцира расипаност и измамништво; само што со расипаноста и измамништвото работите вака стојат: или ги трпиш или им нанесуваш болка на другите луѓе. Трето нема. A мене не ме интересираат туѓите фрустрации и комплекси. 

Имено, кога бев страшно млад, влегував во сите дискотеки, локални и централни (во Скопје и низ провинцијата); играв на подиуми, девојки ми приоѓаа, бев млад, ми се можеше. Секогаш имав „проѓа“ кај женскиот свет, а мажлињата од секогаш ме мразеле. Ме мразеа затоа што бев повисок од сите останати, а бев и „поубав“, барем според сведоштвата на понежниот пол. Луѓето, генерално, ме сакаа(т) во нивното друштво. 

Имено, денешниот свет е создаден од зло, не затоа што е злобен, туку затоа што човештвото паѓа се’ пониско и се’ подолу. На светот, вели св. Августин, нема аномалии. Самиот свет е една голема аномалија. И таквата аномалија е најавена, само треба некој да знае да чита. 

Што те натера на вакви мачни (психо)филозофирања, црни Ненаде? Отруена е оваа земја од идеолошки идеологеми кои имаат спектар од реченици кои не изнесуваа повеќе од 400-500 зборови на број. 

На пример: „ние нема да се откажеме од нашите позиции. Црвените линии се нашиот идентитет со кои ќе го штитиме додека сме живи“; или, „Европа најпрво треба да одлучи дали не сака, а потоа ќе видиме“; или, „сретнав една баба, мајче, убава жена. Таа имала двајца синови, на смртна постела, мајчето на своите синови им рекла: вие не сте Бугари, Срби или Грци, вие сте Македонци“; или, „ќе летаме од Скопје виа Охрид виа Тирана“; или, „ќе го поврземе целиот Балкан со Коридор 8 и Коридор 10, Македонија ќе биде новата Мека и Медина“; или, „комуњарите се’ испљачкаа, камен на камен не оставија, затоа ние сега ќе почнеме паметно и трезвено“ и така натаму и слично на тоа. 

Ова, погоре опишано, е ништо освен глупавост која се состои од 500-тина ебени зборови. Притоа е фикција и лага. И манипулација. Јас сум, простете на идискреција, гласот на Македонија. Ние сме гласот на Македонија. Елитата на медиумите. Кога новинарот се среќава на било кој медиум, тоа значи дека во лифтот или во ходникот му се смешка намачкана со кармин девојка-хостеса со онаа љубезност што претставува врв на презривата благонаклоност, и’ се обидува да одигра колегијалност во стилот – „сите овде сме наши“ – ама лицемерието не трае никогаш долго. 

Луѓето кои го создаваат јавното мислење немаат ниту минута за губење. Разликата помеѓу писател и емисија за „јавно дебатирање“ се состои во тоа што лицето не им е фотографирано на фасада, на лента која е висока триесет метри. Дебатите се „држава во држава“, атмосферата меѓу водителите на емисијата и директорот на редакцијата секогаш е крајно напната. На луѓе кои цела нација им го знае името и презимето – како што го знае моето цела нација – зборуваат со луѓе на кои никој не им го знае името, а тука разговорот не може да трае долго. 

Моето ебено име и презиме го знае цела ебена нација. 

  • Леле, Ненаде, како му влезе на премиерот вчера попладне.
  • Кажи, а? Христијан М. ме запозна со својата автоматска навигација… (Скромно лице на важна личност која сепак продожува по својот пат.)
  • Само напред. Издржи! (Завидлив фиќфириќ што работи во втора смена!)
  • ‘Рмбаме како робови над текстовите. Се’ гледаме. (Милостива насмевка на sвезда што во текот на таа недела треба да сними две емисии на Приватна телевизија, едната во ударен термин, другата во вечерниот термин.)

А кога вратата е затворена за медиумските личности, sвездите ја дотеруваат фризурата во огледалото, затоа што тоа е единствениот момент во текот на денот кога имаат време да си го проверат изгледот. 

Откако подкастите почнаа да се снимаат во живо, видеоснимките течат деноноќно, тие веќе не можат да се опуштат како некогашните водители, ‘рашкембени, ќелави или разбушавени, во стари и нечисти пуловери, со едниот недобричен образ и со тртки на носот. Добре дојдовте во новиот свет: свет во кој ќе се чувствувате погрди од вашиот конкурент.

Се’ однапред е напишано. Водителот седи пред компјутерски екран или слуша преку микрофон забоден во ушите директиви од централната соба; неговите поздрави, неговите надоврзувања, неговите прашања, заблагодорувања, неговите поздрави се исти секој ден. Цела емисија, всушност, е само долго читање. Сите учесници си доаѓаат со напишани листови. Играта се состои само во тоа да го прочиташ својот лист, а притоа да изгледаш природно, свежо и весело. Учесниците едвај се погледнуваат едни со други. Разговорот е невозможен. Ако некој изусти нешто непредвидено, истиот миг настапува паника.

Ние бевме (барем јас бев едно време) еден од најслушаните брбливци во Македонија. Едно пелтечење? Целиот печат се потсмеваше цела недела. Јазична грешка? Стотици електронски пораки што бараа исправка, поправка, извинување или отпуштање од работа. Апсолутна моќ се плаќа со апсолутен притисок. 

Да се откриваат лагите е демоде; личите на стар глупак кога објаснувате дека некоја статистика е наместена, дека некоја клевета е срамна и дека не постои светски заговор. На експертите им треба време да ги исправат грешките, ама публиката гледа некоја друга претстава. Публиката нема време да се сеќава. 

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.