Oпшта констатација за светот, се чини, е мрачна; притоа се чувствува некоја лична и колективна конфузија, дистописка иднина се смета за готово извесна. Дали „фактите“ се поинакви, ќе се обидеме да „разбереме“ во редовите кои следат.
Во потрага на овие загонетки, би можело да се тргне во безброј правци, ама ние на ова место ќе се обидеме на следниот начин. Последните децении од 21. век, политичарите го „добија“ (или сами си го зедоа?) просторот – а коренот лежи во контракултурната револуција од ’68 година – да се однесуваат како шутраци и разбојници, со распекмезени детски тантруми во устите. Порано, таквото однесување одамна би ве закопало на маргина.
Урлачите, врескачите, демагозите – центар, лево и десно (сосема сеедно) – таквите луѓе ќе ги држеше на ниско, со безначајна можност за политичко растење. А идеолошките борби во самото општество беа многу жестоки, па дури и крвави. Добро, јас во тоа време не бев роден, ама можам да го констатирам таквиот непобитен факт како културолошка даденост. Впрочем имате книги, би можеле да прочитајте за тоа.
Во тоа време да се викаш „Доналд Трамп“ и бидеш претседател на Америка? Тјах! Наместо денешната трампова Drill, baby, drill, во тоа време ќе беше Dream, baby, dream на штета на Трамп, се разбира. Но, што е тука e, па ајде да видиме што всушност имаме „на сцена“ со доаѓањето на Трамп како 47-ми претседател на се’ уште најмоќната империја на светот.
Ајде да се обидам да не’ бидам личен (иако мојата кандидатка беше Камала Харис), и’ се обидам да загребам под површина.
Доналд Трамп не треба никој да го потценува, делува дека знае што прави, a има „своја визија за светот“. Го сакале ние или не, ја прифатиле ние таа визија или не, факт е дека овој човек има визија за светот.
Приказните со излозационизам и интервенционизам на Америка внатре и надвор не е примарна, поточно е секундарна. И не ја открива во целост негова „визија за светот“. На подрачјето од својата внатрешна политика, својот пат го гледа според примерот на Ричард Никсон (Richard Nixon), а во надворешната политика, во онаа таканаречена „излоционистичка визија на светот“, го следи Ендрју Џексон (Andrew Jackson), претседател од 19. век на Америка.
Во говорот на инаугурацијата, Трамп – внимателно или невнимателно – ни откри кои се неговите идоли во американската политика. Трамп го сака Теодор Рузвелт (Theodore Roosevelt), го сака Вилијам Мек’кинли (William McKinley), поточно, Трамп сака „снагатори“ (читај, предатори). Притоа, Трамп не е нужно за Америка да се повлече од светските случувања, ама јасно ни даде до знаење дека надворешната политика ќе ја третира исклучиво од призмата на сопствениот интерес: не верува на меѓународните организации, не верува премногу на нормативното во политиката. Затоа, пред сите, го истакна напред Теодор Рузвелт (Theodore Roosevelt), а не, да речеме, Томас Вудроу Вилсон (Thomas Woodrow Wilson).
Има неколку столба на која неговата политичка приказна почива.
Најпрво, победи. Не беше landslide, туку беше убедлива победа. И ќе има шеесетина дена (американците велат „grace“, односно „милост од широките народни маси“ кои не ги делат партикуларитетите на републикански и демократски).
Првиот столб е границата: „границата им гори, границата им се распаѓа“; крпењето на границата ќе ја поправа заради гласачката база во Републиканската партија. Таа партија културолошки е десна, а економски е лева. Вешто го изработи ова прашање во кампањата, така што со тоа ја „избуши“ Камала Харис во перцепциска смисла, па сега мора оперативно да ја заштитува границата, ама и’ ќе инсистира на комуникциските пораки со „испраќање на рации“, велејќи дека „нема да се исплати илегално влегување во Америка“.
Вториот столб се бизнис интересите. Бизнис заедницата е особено загрижена кога слуша приказни за тарифите/даноците. Приказните за даноци на увозна роба ја успорува економијата барем на краток или среден рок, додека нешто конкретно не се супституира. Тука, пак, му влегува „клизачи“ на Бајденовата енергетска филозофија, поточно вели: „ќе ги укинеме ограничувањата на бушење“ (ја знаете онаа фраза од говорот, „Drill baby drill“?), и ќе ја зголеми експлоатацијата на нафта и плин на земјиштето кое е во сопственост на Федералната, односно Сојузната држава.
Третиот столб, без разлика што зборува за diversity, equity, and inclusion (DEI), за Трамп претставува „црвена крпа“, оти од средната кон високата класа во администрацијта, во првиот мандат опасно се оштети, тоа во политичка смисла му ја капеше главата и изгуби многу поддржувачи. Сега ќе се обиде да ја прочисти таа „системска“ вертикала затоа што (а тоа му го замерува просечниот гласач): тие кои не се избрани, не треба да ја кројат политиката на Трамп – во контекст на „слаб претседател“ заедно со таа мала и „отуѓена клика“ која беше околу Демократската партија.
Сите овие денешни „лојалисти“ кои ги именува, и за нив може да мислите што сакате, на Трамп ќе му бидат несебично лојални. Ако денес на Трамп му ги спомнете Рекс Тилерсон (Rex Tillerson), Рејнс Прибус (Reince Priebus), Џон Метис (John Metis), Џон Болтон (John Bolton), му паѓа мрак на очи; таквите ги нарекува предавници и измамници. И таквиот профил на луѓе во овој мандат сака да го избегне.
И четвртиот столб на Трамп: надворешна политика.
Многу прашања се во воздух. Кина пред сите. Иако „тик-ток“ ќе се врати во живот и стане оперативен на американскиот интернет простор. Посреде можеби сака кинезите да ги омекне и пред почетокот на мандатот се обиде да добие нешто од нив, или можеби ќе даде примат на економскиот дел или ќе тргне силно на нив со покачување на тарифи/даноци, останува да видиме.
Трамп се трка со времето, без разлика на се’. Следната година на сцена се 2026 elections, или она кое американците го нарекуваат midterm election. Трамп има танко мнозинство во Претставничкиот дом од Американскиот Конгрес, и ако во следната година влезе ранет по било кое од овие точки што погоре ги набројав – престолот почнува да му се ниша.
А сега, на крајот, да ви кажам како најлесно се добиваат избори, сосема на кратко и сосема јасно.
Треба да бидете заговорници на социјалниот конзервативизам: национализам, традиција, црква, жената во кујна, децата во униформа, младите во униформа… Значи, десница, бато! И се’ тоа кое само „хајвани“ може да ветат, а не и’ да го исполнат.
Рековме погоре, економијата им е лева, без разлика што нам ни „прдел“ идеологот на десницата Милтон Фридман, Господ да го прости и лесна му земја.
А што се однесува до мојот личен став (надвор од неговите магистрали на Америка) за Трамп, вака на кратко би рекол: сељоберите на десницата, од Скопје до Вашингтон, ќе не’ убедуваат дека сите оние кои се пристојни и учтиви, питоми и артикулирани, се ништо друго освен оние кои ве лажат, а со тоа претставуваат и „отуѓена елита“ која начисто ве упропасти, а тоа што измамниците-сељобери од Скопје до Вашингтон ќе ве остават без гаќи, лажно ќе се колнат во Црква, традиција, жената во кујна и слично на тоа, тоа и не е така страшно, нели?
А ваше е само да ги слушате, и уште од раце ќе им јадете, ако имате со што.
Пишува: Ненад Јовановиќ
Текстот е личен став на Авторот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.