23. јануари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Американскиот шеф на дипломатијата вети непоколеблива поддршка за Израел

Новиот американски државен секретар Марко Рубио вети непоколеблива поддршка за Израел поради кревкиот прекин на огнот во Газа и интервенцијата на израелската војска во Џенин на окупираниот Западен Брег.

Државниот секретар вчера разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за да „нагласи дека одржувањето на непоколебливата поддршка на САД за Израел е главен приоритет на претседателот Доналд Трамп“, рече портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, во соопштението.

Рубио исто така „му честита на премиерот за успесите на Израел против Хамас и Хезболах и вети дека ќе работи неуморно за да помогне во ослободувањето на сите заложници, кои сè уште се држат во Газа“, се вели во соопштението.

Израел и палестинското исламистичко движење Хамас минатата недела почнаа да спроведуваат прекин на огнот, што предвидува размена на израелски заложници за палестински затвореници. Но, новиот американски претседател во понеделникот, неколку часа по неговата инаугурација, откри дека не е сигурен оти ќе се одржи прекинот на огнот во Газа.

Во една од своите први одлуки претседателот Трамп исто така ги укина санкциите наметнати од неговиот претходник Џо Бајден за екстремистичките израелски доселеници на Западниот Брег, окупиран од 1967 година, поради нивните напади врз Палестинците./Извор:Makfax