Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп сподели видео на својата социјална мрежа „Трут соушл“, во кое професорот од Универзитетот „Колумбија“, Џефри Сакс, ја критикува политиката на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Блискиот Исток.
Во видеото споделено од Трамп, Сакс ја нуди својата процена за причините за инвазијата на Ирак во 2003 година.
„Од каде дојде оваа војна? Дали знаете? Тоа е прилично изненадувачки. Оваа војна, всушност, почна со Нетанјаху“, вели Сакс.
Сакс во видеото го осудува Нетанјаху за вовлекување на САД во бескрајни странски војни.
Тој го обвини Нетанјаху дека влијаел на американската надворешна политика.
„Нетанјаху од 1995 година веруваше дека единствениот начин да се ослободиме од Хамас и Хезболах е да ги собориме владите како оние во Ирак, Сирија и Иран, кои ги поддржуваат. Тој нѐ вовлече во бескрајни војни и благодарение на неговото влијание врз американската политика отсекогаш го постигнувал она што го сакал. Но, војната од 2003 година беше целосно лажна“, рече Сакс.
Сакс го критикува Нетанјаху велејќи дека тој е „опседнат човек, кој сè уште се обидува да нѐ вовлече во војна со Иран“, и го нарече кучкин син.
Објавата на Трамп дополнително ги разгори дискусиите за нова ера во американско-израелските односи. Иако Трамп е поддржувач на Израел, не е тајна дека тој и Нетанјаху не се во особено добри односи и дека Трамп не се согласуваше со радикалните потези на Нетанјаху ниту за време на неговиот прв мандат./Извор:Makfax