1. јануари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Димитријевиќ: Владата на Мицкоски потфрла на најважната тема – економијата и животниот стандард на граѓаните

Власта потфрла на најважната тема – економијата и животниот стандард на граѓаните, вели во интервју за 24 инфо генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ оценувајќи ги изминатите шест месеци од владеењето на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

-Во овие шест месеци просечната плата стагнира, не расте како што растеше претходно. Минималната плата не се зголеми и прашање е дали воопшто ќе се зголеми. На вработените во образованието, во здравството платите им се зголемија само половично од она што беше договорено. Цените растат иако нема криза а инфлацијата повторно е во нагорна линија. Наводните мерки и таканаречените кошнички не само што не дадоа ефект, туку дополнително го отежнаа животот на обичниот граѓанин. Власта потфрла на најважната тема – економијата и животниот стандард на граѓаните, вели Димитријевиќ.

Наместо економија и мерки, на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ поважно им е да ги партизираат институциите.

-Гледаме масовна партизација на безбедносните структури, гледаме како без срам и перде се брани незаконското поставување на Бојан Христовски за шеф на АНБ. Понатаму, сведоци сме на најавено бескрупулозно мешање во судството преку расрешување членови на Судски совет, гледаме како Артан Груби иако на потерница, без проблем минува државни граници. Сето ова не се паушални критики на СДСМ или мои лични, тоа за жал е грдата реалност во која денес живее Македонија. По само шест месеци, станува сосем јасно дека Мицкоски сака повторно да воспостави режим во Македонија, државата да ја оддалечи од ЕУ и таа повторно да биде заробена како што беше во периодот до 2016 година, потенцира генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ во интервју за 24 инфо.мк.